• недела, 22 декември 2024

Американскиот Конгрес ги разгледува предлозите за вештачка интелигенција

Американскиот Конгрес ги разгледува предлозите за вештачка интелигенција

Вашингтон, 9 јуни 2023 (МИА) - Претставниците во американскиот Сенат, Горниот дом на Конгресот, во четвртокот претставија два посебни нацрт-закони за вештачка интелигенција, со оглед на зголемениот интерес за решавање на прашањата поврзани со оваа технологија.

Првиот предлог бара транспарентност од американската влада при користење вештачка интелигенција во интеракција со граѓаните, додека вториот предлог бара формирање нова Канцеларија чиј приоритет ќе биде конкурентноста на САД кога се во прашање модерните технологии.

Законодавците размислуваат за нови правила потребни поради порастот на вештачката интелигенција, која стана актуелна оваа година благодарение на употребата на ChatGPT, програма која одговара на прашања во писмена, структурирана форма.

Демократскиот сенатор Гери Питерс, исто така претседател на Комитетот за национална безбедност, заедно со колегите републиканци Мајк Браун и Џејмс Ланкфорд, дадоа предлог со кој владините агенции ќе мора да ги известат граѓаните кога користат програми за вештачка интелигенција за да комуницираат со нив.

Овој предлог ги обврзува и владините агенции да овозможат приговори за можните одлуки донесени од вештачката интелигенција.

„Сојузната влада мора да биде активна и транспарентна во врска со употребата на вештачка интелигенција и да обезбеди одлуките да не се носат без човечка рака 'зад воланот'“, рече Браун.

Демократите Мајкл Бенет и Марк Ворнер и републиканскиот претставник Тод Јанг бараат формирање Канцеларија за анализа на глобалната конкуренција, чија главна задача ќе биде да ги задржи САД како лидер во развојот на вештачката интелигенција.

„Не можеме да си дозволиме да ја изгубиме предноста во развојот на технологии, вклучително и вештачката интелигенција, пред конкуренти како Кина“, рече Бенет.

На почетокот на неделава, лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер изјави дека договорил три средби, од кои првата ќе биде зад затворени врати, на кои сенаторите ќе можат детално да се запознаат со темата.

На овие состаноци претставниците ќе разговараат за актуелниот развој на вештачката интелигенција, американското лидерство во областа на вештачката интелигенција и голем број доверливи прашања за одбраната и разузнавањето. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан