„Алпин“ и „Лакост“ го претставија уникатниот нов електромобил
- Лицата на кампањата се францускиот глумец Пјер Нини и возачот на Ф1-тимот „Алпин“ - Пјер Гасли, кои се појавуваат и во краткиот промотивен филм што ја претставува соработката меѓу двата познати француски бренда.
Париз, 1 јули 2026 (МИА) - Францускиот моден бренд „Лакост“ (Lacoste) и производителот на спортски автомобили „Алпин“ (Alpine) ги здружија силите и го претставија, можеби - еден од најнеобичните автомобили за оваа година. Резултатот од соработката е уникатниот електричен „Алпин A290 Рали“ (Rallye), во којшто главната улога не ја имаат моќта или перформансите, туку симболот на „Лакост“ - крокодилот.
Специјалниот концепт се нарекува „Пазете на крокодилот - 'Алпин Лакост A290 Рали',“ а секако - црпи инспирација од препознатливото лого на „Лакост“. Автомобилот е обоен претежно во бела боја, додека впечатливи црвени детали се јавуваат на каросеријата и ентериерот. На прв поглед, станува збор за привлечен рели-модел со проширени браници, нов преден браник, бројни карбонски детали, бели рели-тркала и отвор за воздух на покривот. Но, вистинската атракција е „скриена“ зад сѐ тоа...
Имено, на задниот прозорец има голема црвена глава од крокодил што изгледа како да излегува од вода. Всушност, станува збор за оптичка илузија, а „водата“ е црвено обоен заден спојлер.
Лица на кампањата се амбасадорот на „Лакост“, францускиот глумец Пјер Нини и возачот на Ф1-тимот „Алпин“ - Пјер Гасли, кои глумат во краткиот промотивен филм што ја претставува соработката меѓу двата познати француски бренда. Заедно со уникатниот „Рали“, „Алпин“ и „Лакост“ претставија и посебна колекција облека и додатоци што содржи поло-маици, обични маици и други производи инспирирани од овој проект.
Внатрешноста на автомобилот, исто така, не е помалку необична. Контролната табла е украсена со стотици мали крокодили, додека спортските седишта и украсните рамки на вратите се тапацирани со препознатливата црвена „петит пике“ ткаенина што се користи на поло-маиците на „Лакост“. Натаму, друг посебен детаљ е тоа што везените крокодили се изработени од истата компанија што ги произведува препознатливите логоа за облеката на „Лакост“. За да се направат седиштата што е можно полесни, во нивното производство е користено и 3-Д печатење. си/сд/
Фото: „Алпин“.