• четврток, 12 декември 2024

Алонсо: 2026-та веројатно е мојата последна сезона во Формула 1

Алонсо: 2026-та веројатно е мојата последна сезона во Формула 1

Силверстон, 11 декември 2024 (МИА) - Двократниот светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо, навести дека сезоната 2026 година би можела да биде негова последна во светскиот шампионат.

Алонсо е сопственик на најдолгата кариера во историјата на спортот, која трае повеќе од 23 години и вклучува повеќе од 400 настапи. На почетокот на оваа година, тој потпиша нов двегодишен договор со тимот на Астон Мартин кој ќе го задржи во тимот на Силверстон до крајот на сезоната 2026 година, која може да се покаже како последна во Формула 1. Шпанецот тогаш ќе биде на 45-годишна возраст.

-Веројатно тоа ќе биде мојата последна сезона во Формула 1 бидејќи мојот договор со Астон Мартин завршува на крајот на 2026 година. Ова ќе биде моментот на вистината, имам големи очекувања. Следната сезона е преодна, ќе имаме нов болид, но сонуваме за 2026 година. Доколку 2026 година помине без проблеми и добро се забавуваме заедно, има можност да се тркаме уште една година, или барем ќе бидам отворен за таа перспектива. Нема да ја затворам вратата, ќе гледам на секоја трка како да е мојот последна, вели Алонсо во интервју за Би-Би-Си.

За Астон Мартин, сезоната 2026 ќе биде многу важна бидејќи ќе биде прва во која тимот ќе користи автомобил кој е целосно дизајниран од Адријан Њуи. Легендарниот дизајнер ќе се приклучи на тимот во март следната година и речиси сигурно целосно ќе се фокусира на болидот за 2026 година, кога ќе стапат на сила целосно новите технички правила во Формула 1, што ќе биде можност Алонсо и Астон Мартин да се приклучат во битката за висок пласман. дс

Фото: Архива

 

Остани поврзан