АД ЕСМ и косовската КЕК потпишаа меморандум за разбирање
- АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и косовската државна енергетска компанија - КЕК (Korporata Energjetike E Kosovës Sh.a. - KEK) денеска потпишаа Меморандум за разбирање.
Скопје, 31 март 2023 (МИА) - АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и косовската државна енергетска компанија - КЕК (Korporata Energjetike E Kosovës Sh.a. - KEK) денеска потпишаа Меморандум за разбирање.
-АД ЕСМ е најголемото јавно претпријатие за електрична енергија во Северна Македонија, кое обезбедува околу 90% од целокупното домашно производство и со инсталирана моќност во термоцентралите од 824 MW, во хидроцентралите од 556,8 MW и од Ветерниот парк од 36,8 MW, додека КЕК е најголемото јавно претпријатие за електрична енергија во Косово, чиј опсег на работа опфаќа ископување јаглен лигнит, производство на електрична енергија и снабдување на мало, соопшти АД ЕСМ.
Соработкта помеѓу АД ЕСМ и КЕК, како што посочуваат, ќе биде во форма на размена на знаење и искуство (know-how) во однос на диверзификацијата на технологии за производство, професионална соработка, овозможување на најефикасна размена на енергија и ресурси во врска со производството на електрична енергија преку оптимизација на производството, подготвување на заеднички планови за надминување на енергетските вонредни состојби и во други полиња од заеднички интерес, со цел да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија во Република Северна Македонија и Република Косово.
-Енергетската криза влијаеше врз двете земји бидејќи зависат од увозот на електрична енергија, а за да се обезбеди сигурно производство на електрична и топлинска енергија во период на криза се правеа дополнителни напори за ефикасно и непрекинато работење на постројките за производство. Република Северна Македонија и Република Косово се соседни земји кои имаат пријателски односи и соработуваат на голем број полиња. Бидејќи имаат меѓусебно поврзани електроенергетски системи, двете земји би имале придобивка од поголема соработка особено ако се има предвид дека користат различни технологии за производство, се наведува во соопштението.
Министерствата за економија на двете земји на 16 септември 2021 година потпишаа Меморандум за разбирање за енергетскиот сектор, а со овој Меморандум за разбирање помеѓу АД ЕСМ и КЕК, како што посочуваат, ќе се создаде дополнителна основа за долгорочна соработка со цел да се подобри енергетската безбедност и да се обезбеди сигурно снабдување со енергија. мс/аа/
фото/АД ЕСМ