• понеделник, 23 декември 2024

Адвокатот на Палевски го однел во Белград заради преглед, тврди дека не знаел дека е осомничен за убиството на Вања

Адвокатот на Палевски го однел во Белград заради преглед, тврди дека не знаел дека е осомничен за убиството на Вања

Скопје, 4 декември 2023 (МИА) - Васко Стојков, адвокат на, Љупчо Палевски - Палчо, кој е првоосомничен за организирање на киднапирањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панчо Жежовски изјави дека тој лично го однел Палчо во Белград, на преглед, бидејќи немал возило. Стојков во изјава за Телма да даде појаснување зошто бил со Палевски додека тој бегал од државата вели дека не знаел дека е одговорен за убиствата и сакал да му помогне да отиде на закажаниот преглед.

-Ме замоли да го однесам во Белград, бидејќи немал возило, а не можел да обезбеди нотар за да му се преведе возилото. Јас не знаев ништо за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Ако е така, му реков: „Ќе те однесам“, не знаев за овие работи. Јас се вратив во Скопје, тој остана затоа што требаше да има преглед другиот ден и ми рече ако е се во ред ќе се врати назад. Ако не е во ред, рече ќе одел за Истанбул. Кога се вратив полицијата правеше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав, изјави Стојков за Телма. 

Според неговата изјава откако сфатил за што го сомничат Палевски му пратил порака да се врати и да даде исказ, бидејќи станува збор за сериозна работа. Во изјавата не открива каков одговоро добил, но вели дека се и пренел на полицијата, а оттогаш повеќе немал контакт со Палевски. 

Стојков вели дека имал добра намера да му помогне на Палевски и дека откако дознал за што се работи се чувствува злоупотребено. 

-Јас сум адвокат и ако сум знаел што било сигурно немаше да го носам, изјави Стојков. 

Инаку Љупчо Палевски Палчо е првоосомничен за убиствата на Вања и Панче. Тој е во бегство, а надлежните ќе распишат меѓународна потерница. Тој е првоосомничен организатор и реализатор на убиството на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче од Велес, а денеска на прес-конференцијата министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски низ новинарските прашања за вмешаноста на Палчо, не го посочија конкретно со име и презиме, но одговараа на прашањата на кои изрично беше посочено неговото име како првоосомничен во грозоморните дела. 

Како што информираше министерот за внатрешни работи Спасовски, лицето е заминато од државата со возило заедно со неговиот адвокат во Белград, а потоа во Бугарија. 

Спасовски дополни дека за лицето ќе биде издадена меѓународна потерница, а во однос на прашањето дали имаат некакви сознанија дека тој се обидува да пребегне во Русија, тој одговори негативно.

Љупчо Палевски Палчо е познат во јавноста како поранешен градежен претприемач, меѓудругото кој ја изгради зградата позната како „Тифани“ на почетокот на булеварот „Партизански одреди, за што имаше истрага, но тој не се соочи со последици. Беше и сопственик на неделникот „Старт“, а од прогресивен левичар и претседател на градската конференција на СДСМ, од пред некколку години со формирањето на движењето „Трета“ се позиционира како радикален проруски националист. 

Палевски на јавноста и е познати и кога пред четири години беше приведен на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, од каде сакаше да пребегне за Москва, по хрватската потерница поради долг од 2.500 евра. Палевски бил активен на социјалните медиуми деновиве и објавувал постови, освен на 27 ноември, кога исчезна Вања.

Во 48 часовен притвор за злосторството, додека не се обезбедат дополнителни докази се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна, каде како што информира Спасовски денеска на прес-конференцијата, полицијата извршила претрес. ац/ев/

 

Остани поврзан