• петок, 28 јуни 2024

 Пратеничката група на Левица со кривична пријава против Африм Гаши, поради неодземањето на мандатот на Талат Џафери

 Пратеничката група на Левица со кривична пријава против Африм Гаши, поради неодземањето на мандатот на Талат Џафери

Скопје, 27 јуни 2024
 
Пратениците на Левица поднесоа заедничка кривична пријава против претседателот на Собранието на Република Македонија – Африм Гаши, заради основано сомневање за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“ – казниво по чл. 353-в од Кривичниот законик, со запретена затворска казна до три години. 
 
Оваа прва пријава против актуелниот собраниски спикер е поднесена поради пропуштање службено дејствие и свесно и злонамерно несовесно и противзаконито постапување во случајот со неодземањето на мандатот на пратеникот Талат Џафери од ДУИ – поради уставна инкомпатибилност и неспојливост на функциите „премиер“ и „пратеник“. 
 
Пријавениот, согласно императивни одредби од дури четири важечки закони и од Деловникот на Собранието, бил должен да ја констатира состојбата на судир на интереси и кумулација на функции кај Џафери и да го дополни Дневниот ред на првата наредна собраниска пленарна седница – но, истиот одбил да го стори тоа што му било изрична обврска и покрај поднесеното писмено барање од страна на пратеничката група на Левица, како и покрај јавните укажувања на Државната комисија за спречување на корупцијата. 
 
Ја известуваме јавноста дека правниот тим на Левица и во иднина будно ќе ја следи законитоста во работењето на новиот собраниски спикер и соодветно ќе реагира на секое противзаконито постапување или непостапување.

Фото: Левица

ПП Левица

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан