• понеделник, 23 декември 2024

„Once Upon A Time In The East“ - изложба на Томе Аџиевски во Чифте амам

„Once Upon A Time In The East“ - изложба на Томе Аџиевски во Чифте амам

Скопје, 9 ноември 2023 (МИА) - Во галеријата Чифте амам вечер од 19.30 часот ќе биде отворена изложба на Томе Аџиевски, насловена „Once Upon A Time In The East“, во организација на Националната галерија. Најновиот творечки циклус на Аџиевски, како што информира Галеријата, претставува своевиден омаж на периодот на руската авангарда и нивната уметничка револуција - како реакција на општествената револуција.

-Овој исклучително важен период од развојот на уметноста на минатиот век и историјата на уметноста генерално, преку неоавангардата, се уште има реминисценции врз уметноста на современоста, т.е. уметноста која се создава денес, колку и навидум анахроно самата неоавангарда да се перципира. Аџиевски „презема“ некои од искуствата на руската прогресивна уметничка интелигенција, предностите на апстрактната уметност, на конструктивизмот, на метафизичката уметност, супрематизмот, на уметноста како теорија, неоавангардата од 1970-те, постмодерната естетика, со цел да допре некои мошне акутни проблеми и  денес. Преку ваквата визуелна предлошка, Аџиевски ја проблематизира и улогата на уметникот и уметноста од Источна Европа, каде геополитички припаѓа и нашата земја, тенденциозно говорејќи за потреба од поголемо вреднување на источната традиција, а не слепо следење на западниот глобализам на што сме сведоци децении наназад, наведува Националната галерија.

За своите дела авторот употребува користени и отпадни материјали или некои наменски снабдени за неговите скулптури. Станува збор за мултимедијални дела кои содржат лим, каширана хартија, пластика, метал, спирали од стари душеци, картони, туби, силикон, шипки, облека, мермер, јутени вреќи, ремени, пластични бардаци, текстил, дрвени плочи, асфалт, боја, катран итн.

Томе Аџиевски (1958, Струмица) дипломирал во 1983 година на Академијата за ликовни уметности во Загреб, во класата на скулпторот Иван Саболиќ. Истата година, како стипендист, остварил двомесечен студиски престој на Уметничката академија во Виена. Од 1984 година е член на ДЛУМ. Првпат самостојно се претставил во 1986, со проектот „Трчање на Запад“, кој ја разбранувал ликовната заедница со бескомпромисниот став кон темата. Во своето творештво се потпира на значајни моменти од историјата на уметноста на 20 век. 

-Контроверзен, но моќен, раскошен, но некогаш и оспоруван, Аџиевски отсекогаш со особена вештина создава дела кои имаат исклучителни просторно-естетски специфики, но ангажираниот општествено-политички дискурс доминира како важен белег на неговиот уметнички темперамент, наведува НГ во најавата за изложбата која  ќе може да се посети до 29 ноември.

Куратор на проектот е Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија. хс/са/ 

Фото: Национална галерија 

 

 

Остани поврзан