• недела, 22 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
28 јули 2020 Свети маченици Кирик и Јулита Празници во најтоплиот период од годината поврзани со оганот Во овој период од годината нашиот народ празнува три празници: Свети маченици Кирик и Јулита, Свети свештеномаченик Антиноген и Света маченица Марина, позната како Огнена Марија. Овие три празници меѓу народот се празнуваат како еден празник: Горешници - Чуруци и имаат иста смисла, заштита од оган, пожари и сл. Во периодот на најтоплото време во годината народот празнува три дена, како што се вели, за од оган. Тоа се празниците посветени на светите маченици Кирик и Јулита 28/15 јули, светиот свештеномаченик Антиноген и неговите 10 ученици 29/16 јули и светата великомаченица Марина (Огнена Марија) 30/17 јули. Се верувало дека кој ќе работи во текот на овие празници ќе страда од оган, ќе му изгори куќата, или бидејќи е време за жетва сама од себе или од небесен оган ќе се запали и ќе изгори целата сеидба, како пожнеаното така и нежнеаното. Некаде се верува дека ќе изгори само тоа што е пожнеано тој ден. Во народот овие три дена се нарекуваат Горешници (од оган-горење) или во други места Чуруци (пак од чур-чад, чурење-чадење на оган). Уште чурук се вели за нешто што не добро, односно што е лошо ( стана чурук ‒ стана лошо). Во некои места се смета дека ако се работи на овој ден ќе се исчуручи нивата (Дебарца, Охридско), односно ќе стане неродна. И во други места се верува дека ќе се исчуручат алиштата, ќе скапат. Во таа смисла е и записот на Е. Спространов во кој се вели: „Чуреѕи се вика денот на 15 јули. Тој ден жените не работат тешка работа (не перат, не влачат волна, не предат и др.), за да не им „чурутисвет“ алиштата ‒ станувале чурук-изгнивале“. Во смисла на народните верувања за овој празник интересен е и записот на М. Цепенков кој сведочи дека според овој ден се прогнозирало какво ќе биде времето. „На 15 јулиј (зуреци), во тој ден гледаат старите на времето какво ќе биди: ако је многу горештина, зимата ќе била многу студена; ако е облачно, зимата ќе била мека; а пак ако је дождовито зимата ќе била со лапајци.“ За време на римскиот цар Диоклецијан кога бил извршен жесток прогон на христијаните настрадала и светата великомаченица Јулита со својот петгодишен (според некои сведоштва тригодишен) син Кирик. Јулита рано останала вдовица и живеела во градот Иконија. Кога месниот владател Александар разбрал дека Јулита станала христијанка ја повикал и најпрвин со убедување се обидел да ја поврати во многубоштво. Но кога во тоа не успеал ја уценил со нејзиниот син. Тогаш Јулита се уплашила, но синот ѝ дал знак да не се откажува од вербата во Христа поради што разбеснетиот владетел со нога го турнал од вториот кат и детето на местото останало мртво. Потоа Јулита била мачена и со меч ѝ била отсечена главата. Тоа се случило во 304 година. Споменот на светите маченици Кирик и Јулита светата Христова црква го празнува на 28/15 јули. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан