• недела, 22 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
28 ноември 2020 Празнувањето во Свети Јован Бигорски На североисток од градот Дебар на растојание од 5 часа по ребрата на планината Бистра, која се простира од југ кон север среде каменести места малку опколен со јаворови, брестови и дренови дрвја се наоѓа дебарскиот манастир „Св. Јован Претеча“ наречен „Бигорски“. ... На 24 јуни (по новиот календар - 7 јули, Раѓање на Св. Јован Крстител – Иванден - заб.) се прави првиот панаѓур (собор) во тој манастир и тогаш идат поклоници од Голема и Мала Река, од Гостиварско, Тетовско и др. места. На 29 август (по новиот календар -11 септември, Отсечение главата на Св. Јован Крстител) се прави вториот, панаѓур, тогаш идат гости од Дебар, Жупа, Дримкол и Мала Река. Се собираат 2000 до 3000 поклоници. Гостите обично се собираат на 23 јуни и 28 август и вечерта сите вечераат во трпезаријата. Горната трпезарија се состои од еден голем салон со три паралелни долги маси на кои можат да се сместат нешто околу 600 души. На југ има едно повисоко место определено за свештениците. Има особен амвон, од каде што се држеле слова со поуки за народот. Гозбата е една и многу проста. Нема разлика за никого, било тој да е богат или сиромав. Исто и преку денот сите јадат во трпезаријата и откако ќе се најадат, го вадат дискот за да фрли секој колку сака. Туку гледаш пожолтел дискот од лири и наполеони. На 24 јуни се собираат повеќе од 7000 гроша, а на 29 август од 10 000 до 15 000 гроша, и уште другите приходи што ги има црквата од продавање свеќи, подарувањето овци, крави, коњи и др. Освен тие општи свети денови има и други обичаи во дебарскиот манастир. манастирот го кани секое дебарско село посебно на гости што се вика на „Сирници“. Почнуваат да одат на гости од Водици до Месни Поклади по востановен ред. Таму се гоштеваат две вечери и два ручека. На последниот ручек се вади дискот за секој да поклони колку што сака. За да се знае колку даваат јас ќе го кажам ова: Еднаш на гости на „Сирници и јас бев дошол со дебарските гости. Мислев да фрлам две бели меџидии и си мислев дека јас најмногу ќе поклонам. Но гледај! Видов многу сиромаси со никаква состојба да даваат по една, две – пет турски лири. Останав замајан. Многу е побожно дебарското население и штедро подарува. Не гледа што ќе поклони на храмот туку си вели: „Нека ни поможе Св. Јон“. Освен на такви денови што се гоштеваат луѓето од манастирот зашто оние што одат ништо не носат од дома туку и кога си одат им се дава леб, вино и ракија за по пат, но и секој ден ќе најдете гости по 20-30 души. Нема во дебарско човек кој не јадел леб и не пиел вода од Св. Јован. Мине ли некој покрај него – ќе се одбие од патот и ќе руча. Манастирот е општ дом, за да се нахранат, напијат и стоплат, преспијат итн. без да се плати. И самата местоположба го направила таков. За жал не се знаат точно расходите. (...) Треба да се знае, дека калуѓерите одат да просат и собираат доволно пари, жито, маст, сирење и др. Сето тоа се изедува и уште 1000 лири турски. г. Кичево, 1 ноември 1897 г. Јан. Деребанов. (Новини, бр.34. 3 март 1898 г.) (Подготви Марко Китевски)  

Остани поврзан