Oбичаи и верувања
- Лазароско-галички антагонизам Антагонизмот меѓу луѓето од Галичник и оние од Лазорополе е прусутен од дамнина. Се практикувал секогаш и насекаде, особено во туѓина, на печалба. Се засилил п
15 јули 2021
Лазароско-галички антагонизам
Антагонизмот меѓу луѓето од Галичник и оние од Лазорополе е прусутен од дамнина. Се практикувал секогаш и насекаде, особено во туѓина, на печалба. Се засилил при една измама, кога на еден личен лазоровец, наместо девојката свршеница, на свадбата (скриена зад дулак) му била подметната сестра и нешто постара и многу понелична. Измамата била откриена на патот од Росоки кон Лазорополе, кога некој од стројалените го открил дулакот под кој гувеела невестата и брзо реагирал со зборовите: „В темница одиме – тамница водиме“.
Мајтапењата замираат последниве години откако и едните и другите ги напуштија родните села и се раселија. Сега веќе се изменија мотивите за антагонизмот на двете најголеми мијачки села, но затоа, пак, останаа темите кои и едните и другите ги врзуваат за заеднички имиња: Аврам, Рафе, Тофе.
*
Аврам задоцнил на работа повеќе од два часа. Рафе бил негов претпоставен, та затоа и го прашал:
- Многу се забави денеска бре Авраме, да не те снајде некоја мока?
- И ме снајде – му одговорил Аврам. – Никако да ја врата пастата за зоби шо ми се испушчи собајлево кога и миев диќеливе.
*
По Втората светска војна, меѓу првите во Галичник кој купил радиоапарат бил и Аврам. Со автобус го донел до под Јанче, а потоа пеш по Скала до Галичник. Неговите најблиски со голема радост го очекувале вклучувањето на радиоапаратот. Присутни биле и соседите. Се било поставено, се било вклучено, но радиото не пуштало глас. И како и секогаш на помош е повикан Рафе. Тој само што пристигнал во куќата на Аврама, уште од врата, поставил прашање:
- Како го носевте радиово од Скопје?
- Со автобус до Јанче, а оттаму пешки по Скала – одговорил Аврам.
- Уморено е од потот, затова не работат, нека се одморит неколку дена, пак ќа видиме – ги посоветувал Рафе.
*
Скржавоста Тофева е позната. Еднаш влегол во меана и нарачал кафе.
- Како ќа го пиеш? – Го прашал келнерот Аврам. седнат или станат?
Седнат чини 50 денари, а станат од нанозе 30 денари.
- Дај ми го ти мене за 10 денари. Ја ќа си го пија легнат.
*
Аврам и Тофе веднаш по војната, како активисти учествувале при пописот на населението во една градска населба. По земањето на генералиите на една убава жена ја прашале што работи, што е по професија.
- Балерина – одговорила таа.
И двајцата се изненадиле од професијата и затоа ја замолиле да им покаже во што се состои нејзината работа. Таа тоа и го направила, а Аврам срипал и му рекол на Тофета:
- Побратиме, пиши ороспија.
*
Аврам и Рафе се добри другари, побратими. Едниот е лазоровец, а другиот галичанец. Еден ден Рафе специјално дошол во Лазорополе за да се опијани.
- Зар не можеше тоа да го сториш во Галичник, туку мораше пешки да го качуваш Мачкино?
- Времето до опијанувањето е исто во двете села. Но, ти немаш претстава какво задоволство е да бидеш пијан на рамно, да не водиш сметка дека по пијанството, ќе се истркалаш во Јанче и згора на това да мораш пешки да ја качуваш Скала – му одговорил побратимот.
*
Рафе и Тофе водат научен разговор. Се обиделе да одговорат на прашањето како настанала глувчерицата.
- Пред многу години, во времето на социјализмот во Галичник биле дадени на товење крокодили. И таке...
*
Рафе фаќал капавица на покривот од својата куќа. Во еден момент на невнимание се слизнал и полетал кон земјата. На минување крај прозорецот, сепак успеал да и довикне на жена му:
- Жено, за ручек нареди една рока помалку грав.
*
Рафе добил стан на четврти кат од некоја кула. И додека Рафе се радува, неговиот побратим Тофе е многу загрижен.
- Шо си таков? – го прашала Тофевица.
- Се плашам за животот на Рафета. А слушнет топан, скокат за играње дури и во сон. Па ми е страв во тоа скокање да не скокнет низ пенџере.
Од книгата „Тешкото од Лазорополе“ од Блаже Смилески, авторско издание, 2006 г. (Подготви Марко Китевски)