• понеделник, 23 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
1 октомври 2020  Од минатото на нашите градови Штип Штип е расположен и скоро целиот е потонат во една длабока котлина во северозападнаиот дел на старата област Пеонија и во западните предпланински шуми на планината Плачковица. Една пакостна суводолица позната под името Отиња, која сега веќе е обезвредена, бидејќи е канализирана со високи камени брегови, го пресечува од исток кон запад и некогаш го делела градот на две маали.(...) Да кажеме нешто и за животот и за старите занаети на штипските граѓани. Некогаш плодородните полиња околу градот образуваа чифлици на турските бегови и аги, кои се обработуваа од турското население. Сега тој феудален систем е распаднат и земјата им припаѓа на самите земјосопственици кои ја обработуваат за своја сметка. Благородното штипско поле, како што кажав и погоре, обилно раѓа жито и дава богати пасишта за многуте стада ситен и крупен добиток. Тука обемно се обработува афионот, кој во добрите години богато го наградуваше трудот на земјоделците. Вистинска треска ги зафаќа штипјни за време на бербата на афионот. Чети од по десет петнаесет души опитни „афионџии“ се растураат по селата и целиот месец мај го минуваат на полето. Тогаш зрее афионот. И ако „дождот не го измие“ како што велат работниците, драгоцениот афионов катран им ги полни кесите со жолтици. Од маковото семе се произведува одличен густ шарлаган, кој по вкус и арома му конкурира на маслиновото масло. Во Штип во 1941 година имаше околу десет работилници за производство на шарлаган, кој го задоволуваше градот и околината. Во Штип добро вирее и лозата. Широките припеци кој некогаш беа насадени со стари лозја сета се пусти. На нивно место сега садат тутун, кој тука одлично успева. Во турско време таа скапоцена билка беше непозната за штипјани.... Винарството се наоѓа уште во првобитната состојба, но затоа пак штипјани користат дел од гроздовата маст за приготвување на слатко од грозје. Во турско време најмногу се ценеше маџунот од грозје кој се произведуваше во јуручките села по полите на планината Плачковица. На исток од градот по долината на Брегалница растат прочуените карбински лубеници и дињи кои се многу вкусни. Овоштарството кое во некое време беше многу силно во Штип сега сосема е згаснато заради пустошот што го направија свете војни. Но сега власта зема мерки тоа пак да се засили и да се врати. Во Штип и околината виреат сите видови плодни дрвја со исклучок на калинката. Тука постојат сите услови за развој на едно модерно одгледување на свилената буба, тука насекаде успеваат црници. Сега штипјани одгледуваат свилена буба во мали количества, секој во својот дом, колку да си ги задоволат потребите на семејството од коприна. Свилениот кожурец, исто така се одгледува на првобитен начин. До доаѓањето на српската власт во Штип занаетчиството беше многу развиено. Поважни занаети беа: кожарството, шарлаганџиството (добивање масло од семе од афион и од сусам), абаџиството, мутафчиството, чохаџиството, кумурџилак, самарџиство, папуџиство, слаткарство, ковачкиот занает, и грнчарството. Занаетчиите беа организирани во моќни еснафи, кои имаа првостепена улога во општествениот живот на градот и беа многу почитувани од турската власт... На левиот брег на суводолицата Отиња, меѓу Штип и Ново Село, под Кумлакот, обиколена од стари гробишта, се наоѓа друга стара црква наречена „Св. Спас“. Тоа е мала еднокорабна градба од сив камен и тули добро зачувана до денес. Ниту Турците ниту Србите и обрнале внимание. Таа е градена во времето на северно македонскиот кнез Константин, во втората половина на 14 век, имено во 1369 година. Изгледа дека богослужењето на црковнословенски јазик во неа никогаш не престанало, и денес се служи повремено. Во црквата се влегува направо од патот низ една ниска врата... Целата црква е покриена со фрески и со натписи на словенски јазик кои веќе пропаѓаат поради распаѓањето на покровот. Ја посетив црквата „Св. Спас“ на нејзиниот празник – Спасовден. Во неа се служеше литургија. Многу верници дури и од околината дошле да се помолат во неа. Се изненадив кога видов дека ѕидовите на црквата однадвор се завиени со волнени конци, а жените продолжуваат да ја обиколуваат и да ја завиткуваат со конци. Запрашав зошто се прави тоа? Ми одговорија дека жените без деца верувале дека Бог ќе ги удостои со рожба ако на празникот ја замотаат црквата со волнени конци... Завоев, П. Град Штип, Софија 1943. (Подготви Марко Китевски)    

Остани поврзан