• понеделник, 23 декември 2024

Kлиматските промени станаа закана по здравјето на луѓето

Kлиматските промени станаа закана по здравјето на луѓето
Скопје, 4 септември 2022 (МИА) – Главоболки, проблеми со крвниот притисок, влошување на кардиоваскуларните и респираторните болести. Климатските промени станаа закана по здравјето на луѓето. Климатските промени сe причина за почестите топлотни бранови, задоцнета есен и топли зими. Според стручните лица, несомнено човечкото тело знае како да се прилагоди на промените, но ваквите нагли и драстични временски промени во температурите се предизвик за сите нас. Бојан Трајановски кој е доктор по општа медицина за МИА вели дека од секојдневната работа со пациентите забележува дека честите промени во атмосферскот притисок, како последица на климатските промени, несомнено се одразуваат и кај луѓето. Појаснува дека тоа е највидливо кај кардиоваскуларниот притисок, процесот на дишење, особено кај астматичарите, хроничната опструктивна болест и кардиоваскуларни заболувања. Според него, за целата таа состојба главниот проблем настанува најчесто при пад на притисок, поради целосната промена која што е во атмосферскиот притисок и во температурната разлика. - На пример кога луѓето одат од топло на ладно, доаѓа до пад на притисокот, а со тоа  се појавува малаксаност, температурата може да се промени, општа слабост што ја објаснуваат пациентите, односно главоболката која може да биде еднострана, двострана или пак, најчесто во пределот на вратот, истакнува Трајковски. Најмалку 85 отсто од светското население е под влијание на климатските промени Студијата „Доказ заснован на машинско учење и мапирање на атрибути на 100.000 студии за влијанието на климата“, спроведена под водство на Меркатор Истражувачкиот институт за глобални климатски промени и климатска анализа, покажува дека дури најмалку 85 отсто од светското население е под влијание на климатските промени. Тоа влијание особено ќе биде видливо со доаѓањето на есента, за која од УХМР најавуваат дека оваа година ќе задоцни. - Не се исклучува можноста до крајот на септември да имаме продолжеток на летото, потопол период и постепено заладување во октомври и ноември. Поради Ла Ниња условите можна е појава на студени бранови во доцна есен. Се пореални се очекувањата дека во есента ќе продолжи трендот на негативни отстапувања во однос на просечните количини на врнежи, како што беше и досега. Се очекува целиот југоисточен регион на Европа да има сушна есен и подпросечна количина на врнежи, наведуваат од УХМР. И метео прогнозерот Славчо Поповски во разговор за МИА вели според метеоролошките анализи, не очекува топла есен. - Претпладнето денот е сончев и многу топол, но попладнето нестабилен, врнежлив и значително посвеж и тоа поради влијанието на висински циклон и на влажна и нестабилна воздушна маса. Претстојната есен кај нас барем според моменталните анализи со кој располагаме би требало да донесе потопло време од вообичаеното, со натпросечно високи температури на воздухот, значи ќе имаме т.н. индиско лето. Но сепак ќе има и денови со невреме и пониски температури. На вакви временски непогоди какви што имаме деновиве треба да се навикнеме. Тие ќе бидат и многу посилни за жал во следните години, потенцира Поповски. Тој вели дека климатските промени се почесто предизвикуваат силни временски непогоди и поплави на повеќе места и дека таквите појави ќе бидат се почести. Професор д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје посочува дека поради актуелноста на климатските појави за првпат била направена студија поврзана со нивното влијание врз човечкото тело. Студијата покажува дека при нагла промена од ладно на топло, се зголемува бројот на прием на пациенти. - Ние направивме студија пред неколку години, ги поврзавме високите летни температури со хоспитализации, тоа за првпат го направивме и забележавме дека кога се топлотните бранови имаме зголемен број на прием во болница, од болести кои се поврзани со температурите. Колку поголеми климатски промени, тоа значи и поголеми последици врз човековото тело, вели Кочубовски за МИА. Раководителот на Итната медицинска помош при Здравствен дом Скопје, д-р Милица Бубало за МИА додава дека симптомите се за секој различни. -Кога имаме на пример, нагло врнење дожд, може да има поголем број инфаркти, се зависи од момент до момент. Со секоја временска промена на удар се хроничните болни, а понатаму и старосните групи – повозрасната популација секојпат е поподложна на промените и повеќе реагира отколку помладата популација. Постарата популација поради фрагилноста на крвните садови, потешко се прилагодува на топлотни промени на температурни разлики. Но затоа, помладата популација, бидејќи кај нив се повитални и поеластични крвните садови, полесно и побрзо се прилагодува на промените на климата, потенцира таа. Одморот и водата единствениот лек за последиците Докторите препорачуваат дека единственото решение е отспивање при појава на главоболки, како и конзумирање повеќе солена храна и вода. - Доколку одреден пациент чувствува болка даваме некаков вид на аналгетик може да е на база на витамин Б кои делуваат на смирување на нервниот систем или болка не директно, меѓутоа индиректно имаат влијание. И отспивање затоа што нема начин како ние да ја исконтролираме таа метеопатска промена, времето е виша сила која ние не ја контролираме, единствено можеме да ги контролираме условите во кои ние функционираме, нема врска дали си внатре или надвор, влијанието на времето и на атмосферскиот притисок е секаде исто, вели Трајковски. Додава дека течностите и солената храна се исто така добра опција за подобрување на состојбата. - На овој начин притисокот кој е низок ќе го кренеме и со самото тоа и срцебиењето и телото би требало да се стабилизираат. Кај пациентите кои се со кардиоваскуларни заболувања или висок притисок, со хипертензии, кај нив се случува пад на притисокот, па се препорачува ако дента измерат низок притисок да ги скокнат апчињата кои ги примале за притсок или трбеало да ги примат тој ден, некои конкретни совети нема освен одлежување, течност и мирување, советува Трајковски. Според анализите од Светската здравствена организација, помеѓу 2030 и 2050 година, се очекува климатските промени да предизвикаат приближно 250.000 дополнителни смртни случаи годишно, од неухранетост, маларија, дијареа и топлотен стрес. Во најголем ризик ќе бидат областите со слаба здравствена инфраструктура, главно земјите во развој. Симона Србиноска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан