• понеделник, 23 декември 2024

Finance Think: Постигнатото решение за усогласување на пензиите е коректно

Finance Think: Постигнатото решение за усогласување на пензиите е коректно
Скопје, 7 март 2022 (МИА) - Finance Think оценува дека постигнатото решение за  усогласување на пензиите е коректно поради тоа што не ја нарушува патеката на стабилизација на пензискиот фонд отпочната по 2019 година, и обезбедува пристојно зачувување на животниот стандард на пензионерите. Сепак, нагласуваат, решението не е ново и оти постоело претходно пред укинувањето во 2019 година, а предложената промена е само реформулација на решението кое е и моментално во сила. За финсиската помош од вкупно 3.000 денари велат дека е оправдана, но, оти повеќе треба да биде насочена кон оние со пониски пензии. Сепак, нагласуваат, треба да се внимава со ад-хок покажувањата затоа што ако продолжат може да го зголемат дефицитот во пензискиот фонд. -Владата објави дека е постигната согласност со засегнатите страни околу формулата за усогласувањето на висината на пензиите, од сегашното решение за нивно усогласување со порастот на трошоците на живот, на ново решение за усогласување според просекот на порастот на трошоците на живот и порастот на просечната плата. Дополнително, владата определува тримесечен додаток во вкупен износ од 3.000 денари по пензионер, за покривање на зголемените трошоци за електрична енергија. Finance Think оценува дека ваквото прилагодување е коректно, наспроти претходните изјави за историски-најголеми зголемувања, од две причини - прво не ја нарушува патеката на стабилизација на ФПИОСМ што отпочна по 2019 година, и обезбедува пристојно зачувување на животниот стандард на пензионерите, велат од Finance Think. Сепак укажуваат дека формулата за усогласување 50:50 којашто се предлага сега е истата формула која постоела во референтниот закон заклучно со 2018 година, поради што таа не претставува новина во системот на пензиското финансирање. -Со измени на референтниот закон во декември 2019 година, се воведе одредба според која при пораст на минималната плата поголем од 15 отсто и на просечна плата поголем од 5 отсто, може да се изврши дополнително усогласување на пензиите во процент не повисок од порастот на просечната плата. Со оглед дека порастот на просечната плата во претходните години надминуваше 5 отсто, овој став овозможуваше адекватно усогласување на пензиите и со порастот на просечната плата. Според тоа, предложената промена е само реформулација на решението за пензиското финансирање кое е и моментално во сила, велат од Finance Think. Според Институтот за финансиски политики и истражување, тримесечниот износ од 3.000 денари вкупно, кој е линеарен за сите пензионери, без разлика на висината на пензија, кој пензионерите ќе го добијат за април, мај и јуни, иако е оправдан  – заради ублажување на негативните последици од енергетската криза и порастот на цените, сепак тоа е форма на ад-хок зголемување, и евентуални идни вакви наменски зголемувања треба да се рационализираат само кон примателите на пониски пензии. Од Институтот потсетуваат дека Фондот за ПИОСМ е зависен од централниот буџет. -Својот максимум, зависноста го достигна во 2017 година, кога 43 отсто од вкупните расходи за пензии беа покривани од централен буџет. Од 2018 година, дефицитот започна да се намалува како резултат на почитување на правилото за раст на пензиите согласно законски утврдените критериуми, а од следната 2019 и како резултат на реформата со која се променија стапките на социјалните придонеси и заменските стапки, велат од Finance think. Усогласувањето на пензиите, додаваат е значајно за да се зачува животниот стандард на пензионерите, и тоа мора да биде одредено од витални економски парамтри како движењето на цените, платите и БДП. Но, нагласуваат оттаму, секое ад-хок зголемување на пензиите надвор од економски параметри претставува опасност за дефицитот во пензискиот систем да се зголемува со неодржлива стапка и порачуваат дека доколку продолжи политиката на големи ад-хок зголемувања на пензиите, дефицитот и понатаму ќе расте. сст/са/

Остани поврзан