• понеделник, 23 декември 2024

„Јунајтед ерлајнс“ може да испрати на неплатен одмор 36.000  илјади вработени

„Јунајтед ерлајнс“ може да испрати на неплатен одмор 36.000  илјади вработени
Вашингтон, 9 јуни 2020 (МИА) - Американскиот авиопревозник „Јунајтед ерлајнс“ (United Airlines) испрати меморандум до своите вработени, во кој се наведува дека поради сложената ситуација околу пандемијата со новиот коронавирус компанијата од октомври може да биде принудена да испрати на неплатен одмор 36.000 работници, или половина од вработените во САД. Тоа е повеќе од третина од вкупниот број вработени на компанијата на светско ниво, и половина од нејзините вработени во САД. Реалноста е таква што од 1 октомври „Јунајтед ерлајнс“ едноставно нема да може да продолжи со сегашните плати, кога воздушниот сообраќај е драстично намален, сe истакнува во писмото до вработените. Според проценките на компанијата, поради застој и намалена побарувачка за воздушен патнички превоз нејзините загуби изнесуваат 40 милиони долари дневно. Во изминатиот месец акциите на компанијата се намалија за 33 проценти. Превозникот истакнува дека неплатениот одмор е последно прибежиште за спас на компанијата после неколкумесечното кратење на трошоците и привлекување капитал. Според компанијата, мерките можат да засегнат 15.000 стујардеси и стујарди, повеќе од 2.000 пилоти, над 4.500 механичари и техничари, како и повеќе од 11.000 аеродромски работници. Први ќе бидат отпуштени помладите и нововработените. „Јунајтед ерлајнс“ е прва американска авиокомпанја која даде подробни информации за намалување на кадарот. „Американ ерлајнс“ (American Airlines) минатата недела предупреди дека ако сегашната ситуација продолжи и понатаму, таа наесен можe да има вишок од 20.000 вработени. Додека авиокомпанијата „Делта“ пак само предупреди на можно отпуштање на 2.500 пилоти, без да каже дали ќе бидат отпуштени други вработени. кб/ми/

Остани поврзан