Џенифер Лоренс бремена по вторпат
- Глумицата, инаку, месецов ја прославува и петгодишнината од бракот со режиерот Кук Марони.
Лос Анџелес, 21 октомври 2024 (МИА) - Џенифер Лоренс ќе стане мајка по вторпат. „Оскаровката е бремена со своето второ дете, потврди нејзиниот претставник за списанието „Вог“ (Vogue).
Глумицата, инаку, месецов ја прославува и петгодишнината од бракот со режиерот Кук Марони. Тие се венчаа во Њупорт, Род Ајленд, САД, во октомври 2019 година, и заедно го имаат двегодишниот син Сај. Во една прилика, Џенифер откри дека Сај го носи името на американскиот сликар Едвин Сај Туомбли, омилен уметник на нејзиниот сопруг, кој инаку, е директор на уметничка галерија.
Во разговор со колешката-глумица Камерон Дијаз за списанието „Интервју“, Џенифер ги споделува и своите размислувања за воспитувањето дете чиј родител е позната личност.
- Се разбира, долго размислував за начинот на живот што ќе се разликува од оној на другарчињата. Сигурна сум дека ќе има предизвици конкретно поради мојот животен стил, па и двајцата ќе мора да се соочиме и справиме со тоа кога ќе дојде тој ден, појасни Лоренс.
Џенифер нагласи дека најдоброто нешто што можела сега да го направи е Сај да биде уверен дека е сакан и родителите да му бидат добар пример за доблест. си/паг/
Фото: ЕПА