• понеделник, 23 декември 2024

Џафери - Рот: Посетата е поддршка на следните чекори на Собранието за да продолжат преговорите со ЕУ

Џафери - Рот: Посетата е поддршка на следните чекори на Собранието за да продолжат преговорите со ЕУ
Скопје, 31 август 2022 (МИА) - Претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг Михаел Рот на денешната средба со преседателот на Парламентот Талат Џафери нагласил дека неговата посета се реализира како поддршка на следните чекори кои Собранието треба да ги преземе за непречен тек на процесот на преговори за членство во ЕУ. Во соопштението од собраниската прес-служба се наведува дека изразувајќи целосно разбирање за фрустрациите и разочараноста од актуелните случувања, Рот потенцирал дека ЕУ нема право да се меша во јазичниот и културниот идентитет на Македонците и тоа мора да се почитува. „Во однос на претстојните уставни измени за влегување во следната фаза од преговорите за членство во ЕУ, го искажа ставот дека треба да се исполнат преземените обврски и дека тоа нема да биде на штета на ниту еден Македонец или Македонка во земјата, а Германија ќе стои цврсто зад спроведувањето на ветувањата кон земјата дадени од Европската унија, за забрзување на евроинтеграцискиот пат кој не е само во корист на регионот, туку е во корист на сите земји членки на Унијата“, се посочува во соопштението од Собранието. Претседателот на Собранието Џафери ја поздравил оваа посета на Рот во момент кога земјата треба да го започне процесот на скрининг како прва фаза од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, после долг период на застој и блокади во изминатите децении. Џафери го информирал германскиот пратеник за придонесот и обврските на земјата во НАТО, за доследното придржување до санкциите на ЕУ кон Руската Федерација и поддршката и помошта која се обезбедува за потребите на Украина. Тој изразил особена благодарност за континуираната поддршка на Сојузна Република Германија во остварувањето на нашите стратешки цели, а истовремено се заблагодарил за одличната економска и билатерална соработка на повеќе основи меѓу двете земји и врските со дијаспората, кои заедно придонесуваат за понатамошно унапредување на меѓусебните односи. Во тој контекст, особено ја потенцирал соработката со Германскиот Бундестаг за независно собраниско обезбедување како еден од сегментите за осамостојување на Собранието. Во соопштението се наведува и дека Рот ја пренел благодарноста на претседателката на Германскиот Бундестаг, Барбел Бас до претседателот на Собранието Џафери за неговото градење на мостови на поддршка во време на поларизација, економски предизвици и воена агресија и дека никој нема корист од ослабувањето на демократијата, бидејќи тоа оди на штета на граѓаните кои направија многу во изминатите години. ев/са/  

Остани поврзан