• петок, 22 ноември 2024

Џафери: Ромите се нераскинлив и природен дел на нашето општество 

Џафери: Ромите се нераскинлив и природен дел на нашето општество 

Скопје, 8 април 2024 (МИА) - Техничкиот премиер Талат Џафери по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите упати честитка до припадниците на ромската заедница во државата.

- Почитувани граѓани, припадници на ромската заедница, со големо задоволство упатувам до вас во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое лично име честитки по повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите. 8 Април е ден којшто го одбележуваме во ваша чест драги сограѓани Роми, затоа што и вие, како и сите граѓани, сте нераскинлив и природен дел на оваа држава и општество. И вие, заедно со сите граѓани ги чувствувате и благодатите, меѓутоа и тешките денови и ситуации кои ги носи животот. Придонесувате со тоа што можете, се трудите да се подобрат состојбите во секоја сфера и се посветувате кон обезбедување на подобра иднина, за нашата заедничка држава, за нашето општество и за нашите идни поколенија, се вели во честитката. 

Притоа го вложувате, како што наведува, вашиот единствен и уникатен карактер, вашата харизма, позитивност и бестрашност. Овој ден, е признание и потврда од страна на државата, институциите, вашите сограѓани и општеството во целост дека и вие сте суштински дел од цел овој контекст.

- Како Влада, преку усвоената Национална стратегија за Роми која е дел од јавните, државни политики, преземаме мерки во конкретни области за да обезбедиме основа за ваша целосна и вистинска интеграција, затоа што само тогаш, кога и самите ќе бидете дел од системот, ќе можете да го направите најдоброто, првин за себе, потоа и за општеството и државата. Тука е клучно образованието, кое е најдобра инвестиција во растот и развојот на младите кои се иднината на државата, и на светот. Затоа, бидете мудри, бидете упорни, чекорете храбро и сигурно кон светлината што се појавува кога ќе се просветли умот. Само тогаш ќе може да излезе на светло и вашиот вистински и оригинален потенцијал којшто се разликува од сите други. Наша обврска како држава и државни институции е да бидеме до Вас во секој чекор напред, стои во честитката од Џафери. мд/са/

Фото: Влада 

Остани поврзан