Ќе продолжи реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово
- Станува збор за една од најзначајните сообраќајници во централното градско подрачје која се реализира во рамки на проект поддржан со средства од Светска банка.
Куманово, 16 март 2026 (МИА) - Реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“ ќе почне наскоро, соопштија денеска надлежните од секторот за меѓународна соработка од општина Куманово. Станува збор за една од најзначајните сообраќајници во централното градско подрачје која се реализира во рамки на проект поддржан со средства од Светска банка.
Раководителот во Секторот за меѓународна поддршка при Општина Куманово, Горан Митевски, посочи дека концептот на проектот предвидува целосно решавање на подземната инфраструктура пред започнување на завршните градежни активности.
-Проектот со Светска банка е специфичен затоа што треба да нè навикне и да нè научи како треба да функционираме и да работиме на инфраструктурни објекти. Прво, моравме да ги реализираме сите подземни инфраструктурни потреби на улицата, за во наредните најмалку десет години да нема никакви интервенции или нивно повторно раскопување -изјави Митевски.

Реконструкцијата се спроведува во неколку фази што придонесува за привремени застои, но обезбедува долгорочна функционалност на сообраќајницата. Претходно, беше поставена водоводната инсталација, следува атмосферската канализација и горниот слој. Дополнителен предизвик претставува и спуштањето на електричните и телекомуникациските кабли од бандерите во подземни каналети. Одолговлекувањето на реконструкцијата предизвикува револт кај дел од жителите и пешаците.
- Сакаме целата инвестиција да се реализира внимателно, за да нема недоразбирања и да не се испрати погрешна порака до граѓаните. Се работи за специфична улица и затоа активностите ќе продолжат во неколку фази, со цел да се овозможи непречено користење од страна на жителите и на останатите граѓани- изјави Митевски.
Во рамки на проектот, Општина Куманово располага со околу два милиона евра обезбедени од Светска банка.
- Досега се искористени околу 1,3 милиони евра, додека преостануваат уште околу 700.000 евра. Станува збор за ориентациски суми, бидејќи конечната вредност ќе биде позната по целосното завршување на објектите- додаде Митевски.
Проектот како што претходно објаснија од општината вклучува реконструкција на фекална и водоводна мрежа на дел од улицата од почетокот сè до крстосницата со улицата „Пиринска Македонија“ околу 490 метри. Средствата за уредување на подземната инфраструктура се обезбедени од буџетот на општина Куманово, за атмосферска канализација која ќе се спроведува во два дела изградба и реконструкција на постоечката долж целата улица, 1.400 метри.

- Овие средствата се обезбедени од Светска банка, како и за реконструкцијата на асфалтот низ целата улица од почетокот до крај, подземна канализација за електрична мрежа и инсталација за оператори од национално и локално ниво. По завршување на проектот веќе нема да има кабли по бандерите. Предвидено е и осветлување со штедливи светилки, ќе се уредуваат крошните и корените од дрвјата. Предвидено е уредување на паркинг места и пешачка зона, поставување на седум сета полуподземни контејнери, информираа претходно Одделението за меѓународна соработка и евроинтеграции.
При изработката на техничката документација биле вклучени скоро сите јавни претпријатија од Куманово, оператори и други фирми. Тендерот го објавува Министерството за транспорт, краен корисник е општината. Улицата не е реконструирана шеесет години. ам/вј/
Фото: МИА архива