• петок, 20 декември 2024

Љутков од Баку: Министерскиот состанок е поттик за враќање на балансот меѓу туризмот и животната средина

Љутков од Баку: Министерскиот состанок е поттик за враќање на балансот меѓу туризмот и животната средина

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков присуствува на Првиот министерски состанок за засилена климатска акција во туризмот во Баку, Република Азербејџан, кој се одржува во рамки на 29. Конференција на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени – КОП29.

На овој висок собир, како што информира Министерството за култура и туризам, министрите разговараат за усогласување на политиките во областа на туризмот со ублажување на климатските промени и усвојување мерки за адаптација.

Говерејќи за улогата на овој еминентен состанок, министерот Љутков нагласил дека министрите имаат политичка, но и морална одговорност за преземање итна акција која ќе биде дел од глобалните напори за справување со климатските промени.   

- Затоа сите заедно мора да работиме на засилување на мерките против климатските промени. Но, пред сè, во едно сум сигурен: за да се постигне успех во справувањето со глобалните предизвици, потребни се голема посветеност и активно учество на сите нивоа: на власта, на приватниот сектор, на граѓаните и, секако, меѓународната соработка. Во тој контекст ќе подвлечам дека како Министерство за култура и туризам, и во иднина продолжуваме со заложбите за спроведување иновации и инклузивни стратегии во туризмот што ќе обезбедат не само економски развој, туку и заштита на природните ресурси и на културното наследство, истакнал Љутков.

Министерот Љутков потенцирал дека иднината на туризмот е во хармонија со животната средина, а природните катастрофи, затоплувањето на водите, уништувањето на природните ресурси, урбанизацијата, се само дел од факторите што имаат сериозни влијанија врз туризмот, неговата инфраструктура и неговото одржување. Во тој контекст, Љутков ја издвоил значајната улога на македонското Министерство за култура и туризам, кое преку Секторот за туризам, активно е вклучено во креирањето политики во туризмот, во заштитата на културното богатство и ја подвлекол и: „несебичната поддршка од Владата на Република Северна Македонија за реализација на проекти со кои пред домашните и странските посетители ќе бидат претставени богатото културно наследство и туристичките потенцијали на нашата земја и на народот што живее на овие простори“.

На состанокот, каде ќе биде усвоена Декларација за засилена климатска акција во туризмот од Баку, министерот Љутков ја потенцирал потребата од носење битни стратешки документи, соработка и имплементација на одржливи практики кои ќе овозможат светот да го создаде туризмот на иднината.  

- Затоа, оваа конференција нека биде поттик за нови акции и решенија што ќе го вратат балансот меѓу развојот на туризмот и заштитата на природата и животната средина, порачал министерот Љутков.

Организатор на состанокот е Претседателството на КОП29/ Државната агенција за туризам на Република Азербејџан, во партнерство со Светската организација за туризам на Обединетите нации и со поддршка од Програмата за животна средина на Обединетите нации. мд/ев/

Фото: Министерство за култура и туризам 

Остани поврзан