• недела, 07 јули 2024

ЈП „Комуналец" - Крива Паланка засадува пролетно цвеќе во декоративни форми низ градот

ЈП „Комуналец
Крива Паланка, 25 февруари 2021 (МИА) - Над 4.000 корени темјанушки ќе бидат засадени во декоративните цветни форми на подрачјето на Општина Крива Паланка од страна на вработените во Секторот за паркови и зеленило на паланечкото Јавно претпријатие „Комуналец“, а деновиве се поставуваат цвеќиња и на канделабрите на главната улица во градот. - Во изминатите денови се засадени околу 1.500 корени темјанушки на хортикултурно уредените површини на влезот и излезот од градот, кај клучките на главната улица со магистралниот пат А2, во жардињерите покрај магистралата, во дел од цветните форми во кејот на Крива Река, покрај ролерско-велосипедската патека. Вработените се секојдневно на терен, со оглед на убавото време, засадуваат цвеќе и во останатите декоративни форми. Во овој период ќе се засадат уште 2.500 темјанушки, а се работи и на подготовка на нови декоративни форми кои ќе бидат поставени на повеќе локации во кејот, изјави Драги Пејчиновски, раководител на Секторот за паркови и зеленило на Јавното претпријатие „Комуналец“ - Крива Паланка. Тој рече дека тековно во оранжериите на „Комуналец" се работи на расадување и на повеќе видови цвеќиња за претстојниот период пролет-лето. - Ние работиме на одгледување сопствен расад во фолиите, годишно произведуваме околу 25.000 корени цвеќиња што се засадуваат согласно сезоната на сите уредени јавни зелени површини, како и пред јавните претпријатија, локалните установи и во цветни форми. Истовремено, нашите вработени работат на одржување на градскиот стадион и останатите спортски инфраструктурни површини, како и на делот покрај ролерско-велосипедската патека во кејот на Крива Река, додаде Пејчиновски. Годинава е планирано подигнување и уредување нови јавни зелени површини во кејот на Крива Река од големиот мост кон излезот на градот. ид/см/

Остани поврзан