• петок, 22 ноември 2024

ЈОРСМ: Оформени предмети за сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето

ЈОРСМ: Оформени предмети за сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето
Скопје, 18 октомври 2021 (МИА) - ОЈО Скопје оформи три предмети за сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето и тоа за „пукање со огнено оружје“, за „изнуда“ и за „уништување на изборен материјал“, ОЈО Кавадарци отвори еден предмет за „уништување на изборен материјал“, ОЈО Свети Николе еден предмет за „поткуп“, ОЈО Кочани седум предмети, меѓу кои за „поткуп“ и „повреда на  слободата на определување на избирачите”,  ОЈО Делчево еден предмет за „уништување на изборен материјал“, ОЈО Струга предмет за „уништување на изборен материјал“, ОЈО Гостивар предмет за „повредна на тајноста на гласањето“ и ОЈО Гостивар предмет за „поткуп“, информираат од ЈОРСМ. Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, формирана во Jавното обвинителство, ја известува јавноста дека во текот на организирањето и спроведувањето на локалните избори заклучно со првиот круг на гласање одржан на 17 октомври 2021 година, пристигнаа голем број известувања, поднесоци и пријави за индиции за сторени изборни нерегуларности. -По сеопфатна анализа и проверка на наводите во доставените поднесоци и пријави, Комисијата и основните јавни обвинителства кои постапуваа по нив итно и неодложно, утврдија постоење на елементи на сторени кривични дела кои се гонат по службена должност во мал дел од добиените поднесоци и пријави.  По нив се оформени предмети во соодветните основни јавни обвинителства и интензивно се прибираат материјални и вербални докази. По нивното разгледување и анализа, надлежните обвинители ќе донесат и соодетни јавнообвинителски одлуки за натамошно постапување, се вели во соопштението од ОЈО. Во Основното јавно обвинителство Скопје оформени се три предмети за сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето.  Се води постапка против непознати сторители за пукање од огнено оружје за време на митинг на политичка партија во текот на изборната кампања. По доставено известување, обвинителството оформи предмет и издаде насоки до МВР за идентификација на сторителите. Предмет е оформен и по доставено известување од МВР за сторено кривично дело „Изнуда“ од страна на засега непознати сторители кон лице од кандидатската листа за советници на една политичка партија за Град Скопје. На оштетениот му биле испраќани пораки, меѓу нив и порака каде се спомнува бомба. По насоки на обвинителството се преземаат дејствија за расчистување на настанот. На гласачко место во ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, лице при остварување на правото на глас, од четири ливчиња само едно ставил во гласачка кутија, додека другите ги скинал и ги оставил на пултот за гласање. Осомничениот беше лишен од слобода и приведен.  Обвинителството, по пристигната кривична пријава, оформи предмет против сторителот за кривично дело  „Уништување на изборен материјал“ од Кривичниот законик. Вчера од претседател на избирачки одбор на избирачко место во Демир Капија, пријавено е дека лице дошло во видно алкохолизирана состојба за да гласа. Лицето зад параванот го искинал едното гласачко ливче, а другото го ставил в џеб, со што постои сомневање за сторено кривично дело „Уништување на изборен материјал“ од Кривичниот законик. Основното јавно обвинителство Кавадарци оформи предмет по кој се постапува. Основното јавно обвинителство Свети Николе поведе постапка против едно лице за кое постои сомневање дека сторило продолжено кривично дело  – Поткуп при избори и гласање од член 162 став 3 во врска со став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик. Постапка се води и против четири лица кои го примиле поткупот.  Настанот се случил на 15 октомври 2021 година, во општина Лозово, кога осомничениот бил забележан како дава пари на граѓани за да гласаат за независен кандидат.  Со потврда одземена е документацијата и паричните средства кои биле пронајдени кај  осомничениот. По дадени насоки на обвинителството, полициските службеници прибираат известувања од лицата кои ги примиле паричните средства во висина од по 3000 денари. Се преземаат и други дејствија за расчистување на настанот. Основно јавно обвинителство Кочани на 15.10.2021 година од МВР ПС Кочани прими кривична пријава против две лица за кривично дело ,,Повреда на  слободата на определување на избирачите”.  Во период од 08.10.2021 до 15.10.2021 година, во повеќе наврати, двајцата осомничени им се заканувале на повеќе граѓани  од Кочани, дека ќе бидат избркани од работа и ќе им бидат одземени други права доколку излезат на гласање и гласаат за партијата чии симпатизери се. По пријавата е оформен предмет и издадени се насоки од јавен обвинител за натамошно постапување. По поднесена пријава против лице за агитирање на избирачко место во с.Теранци, оформен е предмет во Основното јавно обвинителство Кочани. Јавен обвинител ги презема потребните дејствија за утврдување на фактите во предметот. По поднесенo известување за вршење организиран превоз на гласачи до избирачко место во Кочани, во обвинителството се оформени два предмета по кои се постапува за прибирање материјални и вербални докази. По поднесена кривична пријава во која се наведува дека лице со возило врши организиран превоз на гласачи на избирачко место и се врши  влијание врз гласачи како да го остварат нивното гласачко право, во Основното јавно обвинителство Кочани оформен е предмет за кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите“. Се преземаат дејствија за утврдување на фактите. Во кочанското обвинителство е оформен и предмет по поднесена кривична пријава во која се наведува дека носителка на советничката листа на политичка партија, заедно со уште едно лице се движеле со возило и на избирачко место во Кочани вршеле поткуп на гласачи. Постапката против осомничените се води за сторено кривично дело „Поткуп при избори и гласање“. Се постапува и по поднесена кривична пријава од политичка партија, во која се наведува дека во н.Оризари, во близина на избирачко место кај Дом на културата во Кочани, се вршело агитација за политичка партија, имало залепено изборни плакати од политичка партија во близина на гласачкото место и се вршело влијание врз гласачи како да го остварат нивното гласачко право. Обвинителството во Кочани оформи предмет поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите“ Предмет против засега непознати лица е оформен и по добиени сознанија од политичка партија, за поголема група на лица кои стоеле пред избирачки места  во Кочани, организирано носеле гласачи  и вршеле агитација.  По кривичната пријава е оформен предмет за сторено кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите“ . По поднесени одделни кривични пријави од политички партии во кои се наведува дека лица вршеле влијание врз гласачи како да го остварат нивното гласачко право, оформени се четири предмети против вкупно седум осомничени. За сите се води постапка во кочанското обвинителство за сторено кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите“. Предмет за извршен поткуп е оформен во Основното јавно обвинителство Делчево по добиено известување дека на 16.10.2021 година, на Градскиот пазар во Делчево, кандидат за градоначалник од политичка партија му дал 3000 денари на едно лице заедно со брошура. Парите од лицето кое ги примило се одземени, додека брошурата не е пронајдена. Обвинителството издаде насоки за натамошно постапување. Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет против едно лице за сторено кривично дело „Уништување на изборен материјал“ од Кривичниот законик. Осомничениот на избирачко место во с. Октиси го искинал своето гласачко  ливче.  Обвинителството презема дејствија за расчистување на настанот. Во гостиварското обвинителство се прибираат материјални и вербални докази во оформен предмет за сторено кривично дело „Повредна на тајноста на гласањето“. На избирачко место во Гостивар гласач го сликал своето гласачко ливче, по што бил забележан од членовите на Избирачкиот одбор и делото било пријавено. Обвинителството издаде насоки за утврдување на факти во предметот. Тетовското обвинителство презема дејствија во врска со пријавен настан по кој е оформен предмет против едно лице за сторено кривично дело „Поткуп при избори и гласање“.  Поткупот го вршел кадидат за градоначалник со бекатон плочки. Од ОЈО информираат дека Комисијата за следење на изборни нерегуларности во континуитет ќе ја координира работата на основите јавни обвинителства се до завршување на изборниот процес за локалните избори.​ аа/дма/

Остани поврзан