• понеделник, 23 декември 2024

Јончевски: Не се откажуваме

Јончевски: Не се откажуваме

Талин, 13 август 2023 (МИА) - Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Александар Јончевски го анализираше вчерашниот пораз од Израел (65-86) на стартот од олимпискиот претквалификациски турнир во Талин.

„Отсуството на голем број стандардни репрезентативци доведе во ротација уште во првата четвртина да влезат играчи кои за прв пат го носат дресот. Во понатамошниот дел од натпреварот, шанса добија сите, а се со цел да сочуваме сили за утрешниот натпревар со Естонија, изјави Јончевски за официјалниот сајт на КФСМ.

Македонскиот селектор ги потенцираше и недостатоците во скок – играта.

„Повторно се провлекува скокот, како примарен проблем каде што Израел, само во првото полувреме постигна дури 16 поени од т.н. ’втора шанса‘. Немаме многу време да се навраќаме на овој натпревар. Веќе утре играме со домаќинот кој на денешниот меч со Чешка покажа дека е конкурент за следната фаза. Секако, не сме се откажале. Ќе ја гледаме нашата шанса да покажеме борбена игра која би можела да ни донесе позитивен исход“, рече Јончевски.

Дуелот на македонските кошаркари против домаќинот Естонија е на програмата попладнево од 18 часот. ег/мч/

фото: КФСМ

Остани поврзан