• понеделник, 18 ноември 2024

Јончевски: Негативата од пет поени ни дава надеж дека имаме шанси

Јончевски: Негативата од пет поени ни дава надеж дека имаме шанси

Скопје, 24 февруари 2024 (МИА) – Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Јончевски, верува дека неговите избраници имаат шанса за успешни квалификации и покрај стартниот пораз од Естонија синоќа во Скопје.

Естонците победија со 74:69 и направија голем исчекор кон пласман на Европското првенство 2025.

- Имавме многу добро прво полувреме, го контролиравме мечот, но на стартот од третата четвртина го свртеа резултатот во своја полза со цврста одбрана и многу контакт во одбраната. Со офанзивните скокови ни создадоа проблеми, ги контролираа и своите промашувања добивајќи втора шанса. Им реков на момците, покажаа одлична енергија, воопшто не беше како претходниот дуел со Естонија на нивни терен. Негативата од пет поени ни дава надеж дека се уште имаме шанси да се вратиме, тоа не е преголема разлика, особено ако се знае дека следниот февруари во тимот ќе го имаме и Андреј Јакимовски, кој одлично напредува во Вашингтон Стејт и е еден од главните играчи во својата екипа, истакна македонскиот селектор на прес-конференцијата по натпреварот.

Јончевски се заблагодари на македонските навивачи кои ја исполнија салата во СРЦ „Кале“ и ги бодреа македонските кошаркари во текот на целиот натпревар.

- Она што особено радува дефинитивно е прекрасниот амбиент кој беше креиран на премиерниот меч од квалификациите за ЕП. Нашите најдобри кошаркари ги дочека едно полно „Кале“, но за жал оние близу 2.000 луѓе не дочекаа и победа на „црвено-жолтите“. Искрено жалам што оваа публика не дочека радост од нас, заедно да славиме победа. 

Веќе в понеделник, македонската репрезентација и гостува на Полска во 2. коло од квалификациите за Евробаскет 2025. зс/

Остани поврзан