• среда, 27 ноември 2024

Јолевски: Ако имало тргување со влијанија, требало да биде пријавено со конкретни докази

Јолевски: Ако имало тргување со влијанија, требало да биде пријавено со конкретни докази

Скопје, 27 април 2023 (МИА) - Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски во изјава за медиумите истакна дека изјавата на јавниот обвинител Ленче Ристоска околу тоа дека Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание и треба да се реформира е пратена до Етичкиот кодекс во Јавното обвинителство и по нивното произнесување, тие на посебна седница ќе донесат конкретна одлука. Тој потенцира дека ако имало тргување со влијанија, требало да ги пријавува со име и презиме и со конкретни докази.

-Меѓутоа, откако ја добивме изјавата, ние дискутиравме во однос на содржината на таа изјава, дали таа изјава соодветствува со она што е предвидено во Етичкиот кодекс на јавните обвинители. Заради тоа оценивме дека таа изјава треба да е пратено до Етичкиот совет во Јавното обвинителство за истите да се произнесат по однос на изјавата дали има одредени прекршувања на Кодексот од нејзина страна со давање на таква изјава и откако ќе го добиеме мислењето на Етичкиот совет ќе закажеме посебна седница на која ќе донесеме конкретна одлука. Советот не врши казнување, бидејќи нема во надлежност водење ниту на дисциплински постапки, ниту постапка за прекршување на Етичкиот кодекс. Ова е претходна фаза во која ние само го проверуваме тоа што таа го изјавила дали претставува прекршување на Етичкиот кодекс, бидејќи се спомнува Советот, тргување со влијанија и други нејзини изјави без конкретно наведување на одредени докази кој тоа го вршел, бидејќи ние не сакаме како Совет да бидеме во кош со сите останати. Ако имало такви членови, би требало да ги изнесе тие податоци. Паушалното изнесување може само да му штети на угледот и на Обвинителството и на обвинителите кои се избираат од овој Совет, рече Јолевски.

Тој посочи дека таа како обвинител точно треба да ги знае постапките, бидејќи, како што рече, не можеш против некого да изнесуваш нешто, а да не е поткрепено со докази.

-Беше споменато дека од 2008 година досега Советот тргувал со влијанија. Тоа е долг период во кој и самата била избрана во 2013 година. Дури и беше избрана и во Специјалното обвинителство кога немаше ниту оглас, туку беа избрани со име и презиме дадено од специјалниот обвинител и ако е некое тргување со влијание тогаш не знам дали било или не, тоа беше политичка одлука или каква било. Не се впуштам во тој дел. Не ме засега тој дел, затоа што не сум бил ниту член на Советот. Барем таа содржина што беше изнесена треба да се провери, ама тоа ќе го провери Етичкиот совет. Потоа ние ќе видиме. Не е во ред и коректна изјавата спрема обвинителите. Ако имало некакво влијание, токму тоа треба да биде пријавено со име и презиме и со конкретни докази. Како обвинител точно треба да ги знае постапките. Не можеш против некого да изнесуваш нешто, а да не е поткрепено со докази. Ако имала сознание, добро е да ги сподели. Зошто? Јас не сакам да бидам вмешан во тоа дека јас сум тргувал, бидејќи воопшто со никој не сум стапил во контакт. Зошто ме става во ист кош или останатите членови кои дискутиравме? Јас не сакам да имам тука член кој им ветува на кандидатите дека ќе бидат избрани или ги терал. Ние сите гласаме подеднакво. Сите кандидати за нас се еднакви при изборот, рече таа.

Јолевски потенцира дека Советот добива месечни извештаи за секој обвинител поединечно, колку предмети сработил и колку има во фиока и посочи дека за обвинителката Ристовска и обвинителот Љубомир Лапе немаат никакви податоци што работат од 2019 година откога се вратени во основните јавни обвинителства. Тој посочи дека тие не бараат конкретно да се произнесат по предметите, како постапуваат, туку што тие работат.

-Беше спомнато и во таа изјава дека Советот повеќе од седум месеци не врши избор во Вишото јавно обвинителство и смета дека со тоа се врши одредено влијание врз едни или други, односно како да заговара Советот кој ќе биде избран. Токму за неа и за колегата  Љубомир Лапе немаме податок што работат од 2019 кога се вратени во основните јавни обвинителства. Овој Совет ги врати во тие обвинителства да продолжат со работа, да донесат одлука каде што дошле. Од тогаш наваму, ние немаме податок дали се вратени, односно никој не ни дал податок, ниту пак добивме месечен извештај што тие воопшто постапуваат во овој период. Затоа што во овој период, тие земаат плата. Советот треба да знае. Кога унапредува, треба да знае зошто го унапредивме некого. Со резултатите од работењето, а не само со оцената, бидејќи оцената ја дал некој друг. Советот добива месечни извештаи за секој обвинител поединечно, колку предмети сработил и колку има во фиока. За нив немаме извештај. На минатите седници кога го одлагавме изборот, рековме нам ни треба време за да ги прибавиме податоците за сите обвинители во делот на нивното работење. Тоа ни беше приговарано многу пати, еве одлагате. Одлагаме затоа што не добиваме извештај. Од нив немаме извештај. И до ден денес немаме. Во овие три и пол години од нив немаме извештај што точно работат. Ние не бараме конкретно да се произнесат по предметите, како постапуваат, туку што тие работат. Не се само тие. Ние бараме за сите обвинители во Република Северна Македонија. Сите треба да кажат што работат. Крајно, сите земаме плата и треба да ја заработиме, рече Јолевски.

Инаку, во вторникот обвинителката Ленче Ристоска истакна дека Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание и треба да се реформира. Според неа, ова тело од формирањето во 2008 до сега потфрлило во исполнувањето на примарната функција, професионализација на ЈО и изолирање на политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.

- Се додека членови на Советот на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран, јасно е дека Советот е извор на тргување со влијание во обвинителството и затоа сметам дека треба да се реформира. Подоцна изборот што Советот го прави креира клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие што лобираат за нивниот избор и сето ова неминовно води кон систем што не може да одговори во борбата со корупцијата и организираниот криминал, рече Ристоска. фф/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан