• сабота, 21 декември 2024

Јовески: Во ОЈО ГОКК се оформени предмети против актуелни и поранешни функционери

Јовески: Во ОЈО ГОКК се оформени предмети против актуелни и поранешни функционери

Скопје, 7 април 2023 (МИА) -  Повеќе предмети се отворени, повеќе се при крај и наскоро ќе имаме повеќе јавно обвинителски. Има и за високи функционери, во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) има оформени предмети, предистраги, истраги и против актуелни функционери, но и против поранешни функционери, рече вечерва јавниот обвинител  Љубомир Јовески.

Во гостување на ТВ Телма зборувајќи за повеќе теми, Јовески се осврна и на причината која доведе до суспендирање на поранешната шефица на ОЈОГОКК Вилма Русковска за која е предложено разрешување од страна на дисциплинската комисија. Јовески негираше какво било политичко мешање во случајот со Русковска. Државниот обвинител, како што истакна, не можел да ја трпи незаконитоста во предметот во врска со претресот во Финансиската полиција.

Новиот јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази, според Јовески,  бил избран во јавен и транспарентен процес. Обвинителот Абази, потенцираше, е познат во јавнообвинителската организација. Потсети на неговата биографија и посочи дека тоа е една од гаранциите дека на оваа нова фунција како шеф на ОЈО ГОКК ќе покаже соодветни резултати.

- Во овој период од овој увид што го имам, согледани се сите состојби во Обвинителството за организиран криминал. Даден е приоритет на постарите предмети, исправени се одредени слабости што ги има во ова Обвинителство, нагласи Јовески, додавајќи дека наскоро ќе се добијат солидни резултати. 

Тој смета дека ова Обвинитество во иднина нема, како што рече, да биде такво и да се поврзува со одредени личности, туку ќе го претставуваат обвинителите кои работат на тие предмети. 

Прашан за објавите во однос на поврзаност на Абази со функционери од ДУИ, Јовески рече дека на тие информации не би им дал посебно значење. Додаде дека секој оној кој нема да постапува согласно законот, за тоа ќе понесе соодветна одговорност.

Во коментар на застарувањето на предметите, за одговорноста за „бавната правда“ во овие предмети, посочи дека е многу тешко да се раководи со Обвинителство во кое има најмалку една третина помалку обвинители поради одливот на обвинителите по основ на пензионирање.

Републичкиот јавен обвинител уверува дека во делот на овие предмети, за настани кои се одвивале пред десетици и повеќе години, времето го отежнува работењето на правосудните институции во делот на обезбедување на докази. Повеќе од нив се предмети од поранешното СЈО и  со преземањето на сите овие предмети немало проблеми. Нагласи дека по предметите интензивно се постапува и потенцираше оти не стојат во фиоки, се преземаат соодветни дејствија од страна на јавните обвинители. 

За предлогот за негов избор за уставен судија, Јовески појасни дека не се кандидира и пријавува, туку кандидатуирата е на Комисијата при Собранието, Комисијата за прашања на изборите и именувањата. 

- Јас не сум оптоварен со тоа, ако Собранието ме избере на таа функција, чест ми е да ја извршувам. Таа кандидатуира не е врз основа на оглас или конкурс, за јас да се прјавам, предлогот е на Комисијата за избори и именувања, значи некои пратеници или пратенички групи кои ја ценеле мојата досегашна работа сметале дека успешно можам да ја извршувам функцијата и ме предложиле за уставен судија, ниту јас сум се пријавил за да се повлекувам и во тој дел сум спокоен, рече Јовески. мд/лв/

Остани поврзан