• недела, 16 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Јермак: Украина нема да прави компромис со независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот

Јермак: Украина нема да прави компромис со независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот

Киев, 23 февруари 2025 (МИА) - Украина нема да прави компромиси со својата независност, територијален интегритет или суверенитет, изјави шефот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, Андриј Јермак.

На заедничка прес-конференција во Киев, по Форумот Украина: 2025 година, Јермак истакна дека следната рунда преговори со САД за договорот за стратешки природни ресурси ќе продолжи и дека денеска ќе разговара со американски претставник.

- Го продолжуваме дијалогот со нашите партнери. Никој не се откажал од ништо, имаме нормален работен процес, изјави Јермак пред новинарите.

Украинскиот заменик-министер за надворешни работи Андриј Сибига додаде дека резолуциите на ОН во врска со руската инвазија, кои ги подготвуваат Украина и САД, не се исклучуваат меѓусебно и дека работата на нив продолжува.

- Резолуцијата на Украина има поддршка од нашите партнери и ќе биде претставена пред Генералното собрание на ОН,  рече Сибига.

Шефот на украинското воено разузнавање, Кирило Буданов, изјави дека Северна Кореја ѝ обезбедува на Русија 50 отсто од потребната муниција за фронтот во Украина.

Според проценките на Украина, САД и Јужна Кореја, Северна Кореја испратила илјадници војници за поддршка на руските сили, што претставува нејзино прво големо учество во војна од 1950-тите години.

Буданов додаде дека Пјонгјанг почнал масовни испораки на 170-милиметарски самоодни хаубици и 240-милиметарски ракетни системи за Русија. Исто така, Северна Кореја веќе ѝ испратила балистички ракети на Русија, а годинава планира да испорача 148 такви проектили.

Олег Ивашченко, началник на украинското надворешно разузнавање, изјави дека Русија годинава планира да произведе над седум милиони артилериски и минофрлачки гранати.ссм/

фото: архива

Остани поврзан