• петок, 22 ноември 2024

Јапонија и ЕУ најавија партнерство во областа на безбедноста и одбраната

Јапонија и ЕУ најавија партнерство во областа на безбедноста и одбраната

Токио, 1 ноември 2024 (МИА) - Јапонија и Европската унија најавија партнерство во областа на безбедноста и одбраната - сакаат да ги зајакнат своите воени врски, вклучително и преку заеднички вежби и размена меѓу нивните одбранбени индустрии во услови на зголемени тензии со Кина, Северна Кореја и Русија.

Тоа е прво безбедносно партнерство што ЕУ го склучи со индо-пацифичка земја, изјавија јапонскиот министер за надворешни работи Такеши Иваја и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел.

Борел е во Токио како дел од дипломатската турнеја низ Источна Азија, во која е вклучена и Јужна Кореја, каде што ќе одржи и стратешки дијалог.

Тој го истакна растечкиот ангажман на ЕУ со индо-пацифичкиот регион додека Кина и Русија ги засилуваат заедничките воени активности и Северна Кореја испраќа војници во Русија.

Нивните разговори дојдоа еден ден откако Северна Кореја тестираше балистичка ракета за која се верува дека е нов тип на интерконтинентална балистичка ракета.

Според соопштението на ЕУ, Борел и Иваја исто така споделиле „сериозна загриженост“ за продлабочувањето на руската воена соработка со Северна Кореја, вклучително и распоредувањето на севернокорејски трупи во Русија и трансферот на оружје меѓу двете земји. Двајцата официјални лица ја потврдија својата посветеност да ја поддржат Украина и ја осудија руската агресија.

Според новото партнерство, Јапонија и ЕУ рекоа дека Европа и индо-пацифичкиот регион се „меѓусебно поврзани и зависни“ и се согласија да одржуваат редовен дијалог на работно ниво за безбедноста и одбраната и заеднички поморски вежби, вклучително и со други земји, ќе соработуваат и во кибер безбедноста.

Двете земји ќе разгледаат можен пакт за размена на разузнавачки информации, ќе промовираат размена на информации од одбранбената индустрија и ќе соработуваат во напорите за нуклеарно разоружување.

Иваја рече дека односите Јапонија-ЕУ се посилни од кога било и дека двете земји „ќе продолжат тесно да соработуваат на широк опсег на полиња, вклучително и безбедноста“. паг/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан