• вторник, 13 јануари 2026

Јанкуловски: Владата го планира Буџетот врз основа на сериозни проекции, во 2026 е планиран попис во земјоделството

Јанкуловски: Владата го планира Буџетот врз основа на сериозни проекции, во 2026 е планиран попис во земјоделството

Скопје, 10 декември 2025 (МИА) - Собранието денеска во рамки на 73. седница ја продолжи расправата за Дополнетиот предлог на Буџет на Република Северна Македонија за 2026 година. Пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата ги вкрстија ставовите во однос на планираниот буџет за следната година.  

Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски, одговарајќи на забелешките на опозоцијата во однос на Дополнетиот буџет рече дека Владата сериозно го планира Буџетот врз основа на проекции на Министерството за финансии, макроекономските проекции на Народната банка, партнерите како Светска банка и ММФ, на реалните економски показатели, очекуваните приходи и расходи, како и секако приоритетите утврдени со владините политики и програмски цели.

-И кај царините и кај даноците гледате дека не во мал обем се зголемени приходите за разлика од претходната година како се зголемувале во минатото, туку во многу поголем процент од тоа. Она каде што сте замижувале и не сте наплаќале даноци за лични интереси, приватни контакти и.т.н сега тоа не е така. Кај Царинската управа видете ги бројките, споредете ги. Ќе видите во колкав процент се зголемувале претходно, во колкав процент се зголемуваат сега. Е сега работа има за Обвинителството тука, сега зошто тоа не се случува тоа не е работа на Владата. Тоа е работа на истражните органи коишто треба да видат дали ова што го говориме врз основа на бројките е точно или не е точно, рече Јанкуловски реплицирајќи на говорот на Јован Митрески од СДСМ.    

Во Дополнетиот предлог Буџет се предвидени и средства за попис во земјоделството во 2026 година. 

- За пописот за 2026 е планиран попис во земјоделството и тој попис ќе го реализира Владата, да добиеме релевантни бројки врз коишто ќе ги фиксираме идните политики на Владата, и скратено е во одделни ставки на расходната страна од Буџетот. Најмногу е скратено во оние сектори каде што најмногу се крадело од претходната Влада, рече Јанкуловски.  

Според Митрески од СДСМ, власта и опозицијата како да живеат во два, како што кажа, тотално различни светови и 2026 година ќе биде полоша година од оваа, имајќи ги предвид и глобалните економски текови. Митрески рече дека во Дополнетиот предлог на Буџетот што беше вратен во Собранието има разлики од оној што беше вратен по собраниската Комисија до Владата односно дека има додадени ставки. Меѓудругото, рече дека четири милиони се скратени за земјоделците, додека во делот на Статистика има додадено 5,5 милиони за попис, но оти има промени и во делот на капиталните инвестииции и друго. Митрески вели дека овој Буџет има и „математичка грешка“. 

-Овој Буџет не е развоен, нема допирна точка со реалноста и ние нема да го гласаме, рече Митрески.    

Пратеничката Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за планираниот Буџет за следната година во делот на туризмот и културата, нагласувајќи дека за промоција на овие сектори се планирани 32 милиони и 260 илјади денари повеќе во Буџетот за 2026 година. 

- Буџетот е крвната слика на државата, стратешки документ во кој се насликани приоритетите на граѓаните. Сите знаеме дека закрепнувањето на економијата е најважната работа која влијае врз животниот стандард, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.

За жал, посочи Петкоска, поминавме години кога и небото не беше граница за висината на јавниот долг, а дното на буџетската дупка немаше крај, но за среќа денес говориме за стабилизирање на јавните финансии со, буквално, воена дисциплина при трошењето на народните пари.

-Инвестициите, инфраструктурните проекти, поддршката на приватниот сектор, како и транспарентноста и отчетноста во работата кои веќе станаа препознатливи и видливи во работењето на Владата, ми даваат за право, конечно да бидеме горди на фактот што после долги години говориме за последователен економски раст. Денес имаме реални инвестиции, а не трансфери кои завршуваа за исплати на плати. Денес имаме држава што инвестира и Влада што знае што прави, затоа што за оваа Влада зборот навистина има тежина, истакна Петкоска.

Во Буџетот за 2026 година, како што кажа таа, туризмот добива 32 милиони 260 илјади денари повеќе. Според неа, средствата за туризам сè уште не се доволни, но сепак, зголемувањето е охрабрувачки правец во интерес на целокупниот македонски туризам. - Од огромна важност е да се напомни дека имаме 40,5 милијарди денари капитални инвестиции за 2026 година, средства во кои спаѓаат патна и комунална инфраструктура, железничка инфраструктура, поддршка на општините, културна заштита и т.н. Секој пат што се гради, секој локален проект што се финансира, секоја подобрена инфраструктурна точка, директно го зголемува туристичкиот потенцијал, бидејќи туризмот е резултат на инвестиции во инфраструктурата, рече Петкоска.

Дебатата за Дополнетиот Предлог Буџет продолжи со ображањето на пратеничката Рина Ајдари. 

Ресорната министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска вчера истакна дека се продолжува со макроекономската стабилност, фискалната консолидација, се обезбедува економски раст, како и средства за сервисирање на сите обврски вкучително и исплаќање на еврообврзницата.

Растот на БДП во 2026 година е проектиран на 3,8 проценти, а инфлацијата на 2,5 проценти. Вкупните приходи треба да изнесуваат 374,9 милијарди денари, расходите 414,2 милијарди денари, а буџетски дефицит 39,2 милијарди денари или 3,5 проценти од планираниот БДП. ев/вг/

ФОТО: Принтскрин

Остани поврзан