• понеделник, 06 април 2026

Проф. д-р Цветанова: Ако постои една константа во мисловниот корпус на Мисирков тоа е автономијата на Македонија како императив за македонската самобитност

Проф. д-р Цветанова: Ако постои една константа во мисловниот корпус на Мисирков тоа е автономијата на Македонија како императив за македонската самобитност

Скопје, 6 април 2026 (МИА) - Во 1903 година Мисирков го создава првиот научно - аргументиран обид за стандардизација на македонскиот јазик и со тој чин, тој всушност ја поставува основата на политичката легитимност на македонската нација. Ако постои една константа во мисловниот корпус на Мисирков тоа е автономијата на Македонија, но автономија не како политичка цел сама по себе туку автономија како императив за сочувување на опстанокот на македонската самобитност, истакна денеска професор д-р Ганка Цветанова на промоцијата на нејзината нова  монографија „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: за македонскиот идентитет и нацијата“.   

- Во таа смисла централното прашање на ова истражување е дали Мисирков е само историски значајна личност или и теоретичар кој ги разбира општествените, политичките и културните процеси врзани со создавањето на македонската нација. Дали во неговото дело се препознава социолошки дискурс односно рана форма на македонската социолошка мисла, рече проф. Цветанова. Во понудените одговори, рече авторката, се наоѓа суштината на ова истражување чија цел е да го реконцептуелизира и ревалуира делото на Мисирков низ социолошка перспектива.  

Како што посочи таа, студијата воспоставува дијалог помеѓу модернистичката парадигма и концепциите на Мисирков, но не со цел тие да бидат вметнати во однапред зададени теориски граници туку напротив да се осветли нивната теориска далекусежност.  

-Иако создадени во поинаков историски контекст, концепциите на Мисирков ја надминуваат својата временска рамка и на свој начин ги антиципираат согледувањата кои подоцна стануваат централни во модернистичката парадигма и современата опшествена наука. Токму затоа оваа студија не го повторува веќе познатото за мисирков, туку нуди ново поинакво социолошко читање на неговото дело. Гледано од денешна перспектива делото на Мисирков добива јасно обликувана рана форма на македонски социолошки дискурс што го позиционира не само како темелна фигура во процесот на национално осознавање туку и како еден од основоположниците на македонската научна - општествена мисла, рече професорката Цветанова.

Мисирков, нагласува таа, не бил само сведок на времето во кое што живеел и творел туку и негов надвременски глас. - Тој бил теоретичар на нацијата пред појавата на современите теории за нацијата и визионер на државноста пред постанокот на макеоднската држава. Неговата мисла претставува ретка спојница меѓу историската реалност и теориската далекусежност станува трајна интелектуална референца за разбирањето на македонската нација, рече таа. 

Традиционално кога се говори за Мисирков, вели авторката професор Цветанова, истражувачкиот фокус најчесто е насочен кон неговиот придонес за оформувањето на македонскиот литературен јазик и процесите на културната и националната еманципација.

-Оваа студија има за цел да понуди поинакво читање на неговото дело, читање што не се задржува само на неговото историско значење и димензија, туку настојува пред се да ја потенцира неговата теориска длабочина и теориска далекусежност. Во својот творечки опус Мисирков отвора прашања што се суштински за социолошката мисла, како на пример, што е тоа што народот го прави една целина, кои елементи го создаваат чувството на заедничка припадност во рамки на заедницата, која е улогата на јазикот, на културата, на колективната меморија. Мисирков во своето дело говори за односот помеѓу поединецот и заедницата, за социјалните релации меѓу членовите на заедницата, но и за народните идеали како движечка сила во одгледувањето на колективната свест и политичката волја на народот. Културната еманципација на македонскиот народ ја согледува како предуслов за неговата политичка афирмација и целосно политичко етаблирање, рече проф. Цветанова.

Истражувањето за книгата започнало во 2020 година, а таа се промовира во годината кога одбележуваме сто години од смртта на Крсте Петков Мисирков. 

За научниот и академскиот придонес на оваа монографија во историјата и развојот на македонската социологија, како и за теориските аспекти што ги отвора, на промоцијата зборуваа рецензентите академик Катица Ќулавкова и проф. д-р Константин Миноски, а на настанот присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски со сопругата, потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски, поранешниот претседател Ѓорге Иванов, ректорката на УКИМ Биљана Ангелова, професори, членови на дипломатскиот кор, студенти...

-Самиот наслов на книгата сметам дека ќе биде предмет на поширок интерес, не само научен туку и општествен и политички, рече Ќулавкова посочувајќи на повеќе трудови и проекти на кои во изминативе десетина години работела професорката Цветанова поврзани со Мисирков. 

Академик Ќулавкова истакна дека треба да се разликува што е тоа етнос-народ и етнокултура и што е тоа нација. - Нацијата е надетничка категорија, значи може составен дел на нацијата да бидат повеќе етноси со повеќе различни специфични, културни особености, вклучително и традиции, вклучително и јазици, но ако се создава една нација тогаш мора да постојат фактори на интеграција. Еден од најважните фактори на интеграција освен граѓанските права е и јазикот. Јазикот е интегративен, зближувачки поврзувачки фактор, иако сите граѓани на една држава, на една нација не го говорат, не го употребуваат, и со тоа не покажуваат чувство на припадност и желба да припаѓаат на една нација тогаш се довведува во прашање постоењето на нацијата и на тој начин се дестабилизира, постоењето, функционирањето и ефикасноста на државата, рече академик Ќулавкова. 

Ние сме, потенцира таа, во една таква фаза кога од одредени заедници или поединци не се покажува желба или чувство за припадност на македонската нација и затоа таа се сегметира, се фрагментира и секојдневието почнува да станува конфликтно затоа што имаме партии на етнички принцип, што е апсолутно спротивно на суштината на демократијата.  

Македониот народ, вели таа, ги сочувал своите духовни и културни обележја во практиката дури и во услови на нивно раслојување и модификација во контактот со соседните народи и држави и влијателни матрици. Тоа не може да се порекне, вели академик Ќулавкова, но од друга страна македонската нација се конципирала политички кон крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, а таа смета дека со одредени елементи на крајот на 20-от век кога се осамостојува Македонија. 

Академик Ќулавкова потенцира дека кај нас најзначаен теоретичар на нацијата е проф. д-р Ганка Цветанова, авторка на книгата. - Оваа научна студија на проф. Цветанова е оригинален социолошки, политиколошки, социолигвестички, македонистички и метаисториски прилог кон теоријата на нацијата и кон практиката на современата македонска нација и култура, вели, меѓудругото,  академикот Ќулавкова.    

Професор д-р Константин Миноски истакна дека со овој труд проф. Цветанова дава еден придонес во осветлување на улогата на Мисирков не само како интелектуалец туку како филолог, историчар, меѓудургото и како зачетник на социолошката мисла преку анализа на процесот на оформување на македонската национална свест и култура. 

-Мисирков претставува и понатаму извор на кој науката може да се навраќа и да се проширува од овие сознанија што ги имаме. Веројатно некој што ќе има прилика да оди во Сант Петерсбург во архивите да истражува, сигурно ќе може да открие нешто повеќе, рече проф. Миноски. 

Тој ја потенцира позицијата и значењето на Мисирков за нас, но исто така смета дека има и други преродбеници чија што улога не само од историски аспект се уште не е доволно расчистена како Спиро Гулапчев, Ангел Динев... и друиги кои давале свој придонес пред Првата светска војна. - Зошто? Појавата на социологијата има две тенденции, зборувам за кај нас. Едната е кога се водени од идејата за посебноста на Македонците и македонскиот народ и тенденцијата да добие посебна држава, и ја прифаќаат, во еден дел и социологијата како начин тоа да го докажат. Тоа го прават некогаш интуитивно преку сите оние весници како и „Вардар“ што го издавал Мисирков, а другиот правец е што сака да укаже на тешката социоекономска положба во Македонија, во балканскиот свет во различни периоди, рече проф. Миноски.   

Посочувајќи на посебноста на македонскиот народ и автономијата, како што и тогаш зборувал Мисирков, професорот Миноски рече дека треба да се потсетиме „црвените линии ни избледеа и стануваат се потенки и потенки“. 

-Еве ја користам приликата да се обратам до овој аудиториум тука кој носи сериозни одлуки. Мисирков најдобро знаел што значело да живееш и работиш во туѓина, односно во држави особено каде што сакале сите да ве присвојат и каде што не ве признаваат. Затоа оваа наша држава што ни е единствена создадена на парче од Македонија треба да биде оној центар образовен, научен, за културен развој на Македонците, не само во републикава, туку да зрачи македонизмот меѓу Македонците во соседството и пошироко. Ако тоа не го направиме, пискотниците што се слушале од Галичник и Река веќе ќе замрат, нема кој ни да писка, рече професорот Миноски.      

Авторката Ганка Цветанова е доктор по социолошки науки и редовен професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Нејзините научно-истражувачки интереси опфаќаат низа современи и општествено релевантни теми од областа на идентитетските прашања, нацијата и национализмот, етничките односи и конфликти, културните политики и управување во културата, како и односот меѓу демократијата и новите медиуми. ев/вј/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан