• петок, 22 ноември 2024

Јаневски: Домашната туристичка индустрија како Ел Дорадо, без инспектори и полиција

Јаневски: Домашната туристичка индустрија како Ел Дорадо, без инспектори и полиција
Скопје, 5 септември 2022 (МИА) - Два во Скопје и еден или двајца во Охрид, толку лиценцирани инспектори за туризам има во земјава. Пазарот не е регулиран, голем е бројот на диви туристички водичи, а сивата економија тивко, но во континуитет се зголемува, вели директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски. Јаневски оценува дека домашната туристичка индустрија моментно е како Ел Дорадо. Не само што нема инспектори, туку нема ниту полиција. - Во домашната туристичка индустрија, која треба да биде регулирана од локалната самоуправа, моментно е Ел Дорадо. Неможноста да се регулира пазарот, да се подобри Законот за туристичка дејност кој е неколку години заглавен во лавиринтите и да се формира инспекција и полиција за туризам, низ годините овозможува зголемување на сивата економија и резултира со неконкурентност во туристичката индустрија. Да ги земеме како репер Скопје и Охрид, два поголеми туристички центри. Во Скопје има два лиценцирани инспектори за туризам, а во Охрид еден до два. Тоа воопшто не е доволно за регулирање на пазарот. Затоа имаме и диви водичи, кои не се лиценцирани, нагласува Јаневски за МИА. Тој смета дека мора да се зголемат и надлежностите на Агенцијата за туризам. - Веќе кажав дека пандемијата ќе го покаже своето лице и на еден друг начин – покажа дека не бевме подготвени во регулирање на пазарот. Тоа мора да го направиме и да им дадеме јасен сигнал на инвеститорите да вложат во нови сместувачки капацитети, а на постоечките да го подобрат своето работење и услуга, да се овозможи да бидат доволно конкурентни со другите дестинации. Сивата зона во туризмот треба да ја намалиме во некои рамки од 15 - 20 проценти што ќе претставува огромен успех во наредните две до три години, дециден е Јаневски. мч/са/

Остани поврзан