• недела, 22 декември 2024

Јаневска: МОН ја заврши својата работа, училиштата со ресурсни центри го распишуваат конкурсот за ангажирање асистенти

Јаневска: МОН ја заврши својата работа, училиштата со ресурсни центри го распишуваат конкурсот за ангажирање асистенти

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) – Децата со попреченост имаат и ќе имаат асистенти. Веќе се обезбедени 815 асистенти, а за 200 асистенти чекавме ребаланс на буџетот за да ги обезбедиме средствата. Министерството за образование и наука (МОН) ја заврши својата работа, а училиштата со ресурсни центри го распишуваат конкурсот за нивно ангажирање, порача денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

-Тие требаше да планираат кога да го распишат конкурсот, кога да ги објават конкурсите во весниците, зашто слушам дека велат оти МОН требало да им каже кога да ги објават конкурсите. Зошто поставуваме директори на училишта ако не си ги знаат своите основни обврски, рече Јаневска во одговор на прашање при денешната посета на скопската компанија „КАЗ груп“ каде се спроведува практична работа за дуално образование.

Денеска, како што кажа, се потпишуваат договорите со 815 асистенти, а конкурсот за 200-те асистенти е во тек.

-Апелирам до родителите, до раководствата на училиштата и до наставниците дека ниедно дете не смее да седи дома. Сите мора да бидат примени во училиштата. Има наставници, има инклузивни тимови, има психолози, педагози, дефектолози, некаде има и социолози – тие треба да се подготвени да ги примат децата. Асистенти ќе има и овој пат ќе бидат во поголем број од претходно. Наредната година ќе има уште поголем број ако има потреба, посочи Јаневска.

Состојбата со учебниците ја оцени како одлична.

-Директорите, наставниците и класните раководители се должни да побараат онолку учебници колку што им требаат. МОН и Бирото за развој на образованието објавија за кои предмети треба, а за кои не треба да има учебници. За изборните предмети, деловите од новата концепција кои ние како нова Влада ги прифаќаме, не треба да има учебници, туку учениците преку интерактивна работа меѓу себе и со наставникот ќе ги стекнуваат знаењата. Доколку директорите не порачале доволно учебници ќе им биде нагласено дека згрешиле, рече Јаневска.

Прецизира дека МОН отвора информациски систем во кој вели запишете колку учебници ви требаат, а директорите се должни за секое училиште да кажат колку учебници им требаат со точна бројка.

-Ние не сме им забраниле да искалкулираат 2 до 3 проценти повеќе, напротив одлучивме да се обезбеди двојно од бројката која тие ја побараа и тоа е правило и јас како министер и било кој од МОН не може да отстапи од тоа правило. Ако директорите не си ја завршиле работата не е одговорност на МОН, но ќе направиме напор ако некаде постои вишок на книги да обезбедиме учебник таму каде што нема, истакна Јаневска.  

Истакна дека се што можеше да се направи во изминатите 70 дена од мандатот на новата Влада е направено, но не може да се реши се што беше оставено како проблем од претходната власт.

-Со буџетот за следната година се е предвидено и сите олеснувања за  учениците и родителите зашто образованието, учениците и родителите ни се во фокусот, посочи Јаневска.

Прашана дали букварите што ги доделуваа министерот Меџити и градоначалникот на Тетово, Касами се одобрени од Бирото за развој на образованието, Јаневска рече дека Бирото го одобрило букварот како дидактички помошен материјал, а поранешниот министер Јетон Шаќири го потпишал.

-Сега ова е донација, а секој може да донира дидактички материјал. Тоа е поминато низ институциите на државата, но не е учебник. Со диплома и со сведителство во оваа држава може да се стекнат само тие што учат по наставна програма и план одобрени од Бирото за развој на образование на нашата држава, рече Јаневска и додаде дека дидактичките материјали одобрени од Бирото и поранешниот министер може да бидат во употреба.вј/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан