• сабота, 23 ноември 2024

ЈАДРО: Резултатите од конкурсот на Министерството за култура покажуваат дека никому не му е грижа за развојните културни политики

ЈАДРО: Резултатите од конкурсот на Министерството за култура покажуваат дека никому не му е грижа за развојните културни политики

Скопје, 9 февруари 2024 (МИА) - Асоцијација на независната културна сцена ЈАДРО денеска преку соопштение изрази незадоволство од резултатите од годинешниот конкурс на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес. 

-Резултатите од овој конкурс, како и на многу конкурси претходно, покажуваат дека ние и понатаму остануваме клиентелистичка култура, дека никому не му е грижа за развојните културни политики, дека бескрупулозно се распределуваат и онака малкуте средства одвоени од бруто домашниот производ кај партиските и пријателските клиенти. Разултатите од конкурсот покажуваат дека државата не знае што е современа култура, не знае што е профитна организација, што е непрофитна организација, што е институционална, а што е вонинституционална култура, а уште помалку знае и воспоставува вредносни вертикали и насоки во развојот на современата уметничка продукција, потенцираат од ЈАДРО.

Од Асоцијацијата ја повикуваат министреката за култура Бисера Костадинова Стојчевска детално да ги ревидира средствата на доделениот конкурс. Според нив, стотици организации и индивидуалци од независниот културен сектор се повторно доведени во прекарна позиција а нивната продукција е проголтана или од непознати организации со апсурдна содржина или од партиски клиенти или од продукција со комерцијален карактер.

Од ЈАДРО обвинуваат дека резултатите од конкурсот на Министерството за култура покажуваат дека уште сме заробени во централизирано политичко одлучување.

-Резултатите од конкурсот на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес за 2024 година, покажуваат дека сме заробени во централизирано политичко одлучување – до денеска ниту една од партиите не сакаше да се согласи да се укине дискреционото право на министерот за култура за носење конечни одлуки за распределбата на средствата за годишната програма. Комисиите имаат советодавна улога, а како се бираат и одредуваат воопшто не е транспарентно. Но, на крајот од денот министерот ја носи конечната одлука, се вели во соопштението на ЈАДРО.бт/аа/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан