Ѓоргиев: Останавме недоречени на претходните дуели со Грција
- Македонската машка одбојкарска репрезентација од вчера се подготвува во Маврово со јасна цел како што истакна капитенот Никола Ѓоргиев да избори четврти настап во низа на европските првенства.
Скопје, 18 јули 2025 (МИА) – Македонската машка одбојкарска репрезентација од вчера се подготвува во Маврово со јасна цел како што истакна капитенот Никола Ѓоргиев да избори четврти настап во низа на европските првенства.
Одбојкарите до 28 август ќе тренираат во Маврово, од каде патуваат за Софија на два пријателски натпревари со Бугарија, по што ќе следи и настапот на традиционалниот турнир „Чајка“., пред евроквалификацискиот дуел на 13 август против Грција во Атина.
Грција не е непознат противник. Минатиот месец Македонија се соочи со грчкиот тим во Европската Златна лига и загуби со 3:0, додека во првиот дуел од квалификацискиот циклус во Скопје, исто така, запиша пораз од 3:1.
Капитенот Ѓоргиев истакна дека одличниот настап за Македонија во Златната лига, добро дефинираниот план за подготовки, како и атмосферата која ја има во екипата се одличен предзнак дека она што не е постигнато претходно во меѓусебните дуели со Грците ќе дојде до израз на дуелот во Атина.
„Во тој дуел сè ќе зависи од нашата здравствена состојба, нашиот ментален склоп и желбата, а таа мислам дека ќе биде на највисоко можно ниво. Грција е истата екипа од Европската лига, нивниот список е објавен веќе и составот ни е познат. Се соочивме со нив минатиот месец, но резултатот од тој дуел нереален, бидејќи на тој натпревар покажавме само 50 посто од нашата игра. Екипата беше преморена од натпреварот со Летонија, ден порано, во кој победивме со 3:2 и во кој ги исцрпивме нашите сили. Некако мислам дека и во двата претходни натпревари со Грција останавме како недоречени, го имам тоа чувство и затоа се надевам дека во претстојниот меч ќе го дадеме најдоброто од нас, ќе ја играме нашата игра и ќе го земеме она што ни припаѓа во Атина. Колку ќе биде тоа еден сет, два сета, победа … ќе видиме“, изјави Ѓоргиев за официјалниот сајт на Одбојкарската федерација на Македонија. ег
ФОТО: ОФМ