• понеделник, 23 декември 2024

Шумски пожари во Грција: 18 јагленосани тела откриени на Еврос

Шумски пожари во Грција: 18 јагленосани тела откриени на Еврос

Атина, 22 август 2023 (МИА) - Осумнаесет јагленосани тела се откриени во регионот на Еврос, северно од Александрополис, Грција, додека во регионот гори огромен шумски пожар.

Пожарникарите кои ги открија телата во близина на селото Дадиа, североисточно од Александрополис, велат дека тие припаѓаат на илегални мигранти кои неодамна ја преминале границата со Турција. Портпаролот на противпожарната служба Јанис Артопио потврди дека се пронајдени 18 тела и дека најверојатно станува збор за илегални имигранти.

Полицијата објави дека со оглед на тоа што нема извештаи за исчезнати лица, претпоставува дека жртвите се имигранти. Засега не е позната националноста на жртвите. Областа Дадиа, која се наоѓа во национален парк, е позната како омилена рута на илегалните имигранти.

Регионот Еврос е во пламен веќе четири дена. Главната болница во Александрополис беше евакуирана рано изутринава, откако шумските пожари го зафатија крајбрежниот град во близина на границата со Турција. Десетици пациенти придружувани од лекари и медицински сестри се префрлени како мерка на претпазливост на траект закотвен на пристаништето. Пациентите закачени за боци со кислород лежеа на душеци на палубите на брод претворен во болнички одделенија. На брегот беа подигнати и шатори, информираат локални медиуми. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан