• сабота, 23 ноември 2024

Шукова од COP 28: Преку инструментот за зелено финансирање ќе се забрза енергетска транзиција

Шукова од COP 28: Преку инструментот за зелено финансирање ќе се забрза енергетска транзиција

Скопје, 5 декември 2023 (МИА) - Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, во рамки на COP28, учествуваше на панел-дискусијата на високо ниво фокусирана на искуствата на четири земји-членки на ОН, Северна Македонија, Мадагаскар, Уругвај и Зимбабве за користење на средствата од Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој на ОН (UN Joint SDG Fund) со чија помош во овие држави се реализираат програми насочени кон одржливиот развој, известуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во своето обраќање министерката Шукова се осврна на Инструментот за зелено финансирање (GFF) кој се реализира со финансиска поддршка од Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој.

- Инструментот за зелено финансирање придонесува за забрзување на напредокот на нашата земја за голем број цели за одржлив развој, особено „зелените“ цели, за прифатлива и чиста енергија, одржливи градови и климатски активности, како и целите за намалена нееднаквост, родова еднаквост и партнерства. Обезбедените 46 милиони долари преку овој Фонд, нема да ги покријат сите огромни финансиски потреби за забрзана зелена транзиција на нашата земја. Но, за нас тоа претставува важен модел на финансиски механизам бидејќи обезбедува остварлива алтернатива за да се стимулира субвенционирање, покажувајќи како преку партнерство со семејството на ОН, банкарскиот сектор во земјата и регионалните Макрофинансиски институции (MFI), можеме да го зголемиме нашиот досег и влијание, истакна Шукова.

Таа ја потенцира посветеноста на државата кон зелената транзиција и особено забрзаното воведување на обновливите извори на енергија и зголемената енергетска ефикасност.

Шукова објаснува дека Инструментот за зелено финансирање обезбедува зголемен пристап до средства за инвестиции во обновливи извори на енергија и во енергетска ефикасност кај малите и средните претпријатија и кај домаќинствата. Тоа, како што вели, ќе придонесе за намалување на емисиите на стакленички гасови и на загадувањето на воздухот.

Во сесијата, панелисти беа и високи претставници од Мадагаскар, Уругвај и Зимбабве, како и владини претставници, претставници од заедницата на донатори, претставници од приватниот и финансискиот сектор и инвеститори. ир/са

 

Фото: МЖПП

Остани поврзан