• петок, 08 ноември 2024

Шукова: Не е невообичаено министер да побара одредена одлука на Владата повторно да се разгледа

Шукова: Не е невообичаено министер да побара одредена одлука на Владата повторно да се разгледа

Скопје, 28 јули 2023 (МИА) – Не е невообичаено еден од министрите во Владата да побара одредена одлука повторно да се разгледа како што се направи со концесиите за Иловица, оцени денеска министерската за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

-Тоа се направи на последната владина седница на која министерот за економија убаво го образложи целиот процес за добивањето на концесиите за рудникот Иловица кој се случува од 2005 година по што беше поништена одлуката за спојување на  концесиите. Како ќе продолжи процесот понатаму е во рамките на ресорот на Министерството за економија, рече Шукова во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Таа нагласи дека по повторното разгледување на одлуката, Владата донела став и ја поништила претходната одлука за спојување на концесиите за рудникот Иловица.

Како што истакна, во моментов не располага со податоци какви проценети количини на злато и бакар има потенцијалниот инвеститор во Иловица. Во моментов, додаде, само претпоставка е дали инвеститорот ќе ја обжали одлуката на арбитражен суд.

-Не можеме да кажеме дека тоа со сигурност ќе се случи. Како Влада ги следиме настаните и работиме согласно закон. Ако потенцијалниот инвеститор отвори арбитражна постапка, Владата ќе се вклучи во тој процес и ќе се обиде целиот процес да се одвива во интерес на граѓаните, а не да се губат буџетски средства. Тоа е процес што го водат посебни арбитражни куќи и се надевам дека ќе заврши во интерес на државата, потенцира Шукова.

Владата претходно на седница на 27 јуни донесе одлука да се спојат двете концесии за рудникот Иловица по што дел од министрите се жалеа дека точката на дневен ред била ставена како дополнителна на само еден ден пред одржувањето на седницата и дека не можеле да ги разгледаат поднесените материјали при носењето на првичната одлука. вј/бак/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан