• петок, 22 ноември 2024

Штипските средношколци се вклучија во кампањата против трговија со луѓе

Штипските средношколци се вклучија во кампањата против трговија со луѓе

Штип, 10 ноември 2023 (МИА) - Трговијата со луѓе во земјава е во пораст. Статистиката и не покажува високи бројки кога ќе се спореди со другите земји од Европа, но реалната состојба не е таква. Многу од жртвите, особено децата, не ги пријавуваат случаите на трговија со луѓе и не може да се идентификуваат како жртви.

Ивана Кекева, социјален работник од „Отворена порта/Ла страда“ вели дека со цел подигање на јавната свест денеска во Општина Штип беше организирана трибина, на која се прикажа и документарниот филм „Излез“, кој ја расветлува суровата реалност на жртвите на трговија со луѓе, а служи како трогателен потсетник за важноста на застапувањето и поддршката за овие лица.

- За жал, трговијата со луѓе е во голем пораст во нашата држава, но исто така уште позагрижувачки е што повеќе деца се вклучени во ланецот на трговија и секоја година старосната граница на овие лица е сѐ помала и помала. Целта и за тоа за што сме денеска тука е да ја покренеме свеста, луѓето да знаат дека тоа се случува кај нас, да знаат како да превенираат, да знаат како да спречат, но и да се обратат во соодветните институции, како и организации со цел да побараат помош и поддршка. Бројките на идентификувани жртви на трговија со луѓе во нашата држава од страна на институциите, за жал, не се поклопуваат со реалната слика на лица коишто се идентификувани како потенцијални или како жртви на трговија со луѓе, вели  Кекева.

За превенција на ова општествено зло предавањето го слушаа средношколци од штипските училишта. Претседателката на Советот на Општина Штип, Весна Кожинкова вели дека  токму поради тоа што младите се прва мета на трговијата со луѓе, Општина Штип ќе реализира активности кои ќе ги вклучуваат нив како таргет-група. 

- Општина Штип посебно ќе работи со младата популација. Токму затоа денеска ми е особено задоволство што како учесници во трибината се појавуваат токму ученици од средните училишта, затоа што статистиката покажува дека учениците на таа возраст се потенцијалните жртви за трговија со лоѓе. Општината ќе ги преземе сите чекори преку едукативни работилници, преку организирање предавања на класните часови, сѐ со цел учениците да стекнат определени знаења за спречување на ова зло што се случува во нашата земја, вели Кожинкова.

Кампањата на „Отворена порта/Ла страда“ почна на 18 Октомври, кога е Европски ден за борба против трговијата со луѓе. Следуваше настан и во Куманово, а денеска се во Штип со цел проширување на дијалогот за превенција и спречување на трговијата со луѓе. вдј/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан