• петок, 08 ноември 2024

Штајнмајер ја налути Украина

Штајнмајер ја налути Украина
Берлин, 9 февруари 2021 (МИА) - Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ја разлути Украина со изјавите за дипломатската вредност на гасоводот Северен поток 2, преку кој треба да се доставува руски гас во Европа. Украинскиот амбасадор во Берлин, Андриј Мелник за германската новинска агенција ДПА изјави дека „сомнителните историски аргументи“ на Штајнмајер во Украина предизвикале „чудење и индигнација“. Претходно, Штајнмајер во интервју за весникот „Рајнише пост“ го бранеше гасоводот Северен поток 2 тврдејќи дека енергетските односи се меѓу последните мостови со кои Русија се уште е поврзана со Европа. Тој потсети и на германската инвазија врз Советскиот Сојуз за врема на Втора светска војна. - Во војната на подрачјето на тогашен Советски Сојуз страдаа повеќе од 20 милиони луѓе. Тоа не ги оправдува денешните погрешни потези во руската политика, но не би смееле да ја изгубиме од вид пошироката слика, истакна Штајнмајер за „Рајнише пост“. Додека Мелник тврди дека Северен поток 2 и понатаму е геополитички проект на рускиот претседател Владимир Путин, а штетен за интересите на Украина. - Затоа е цинично, посебно во оваа дебата, да ги споменува жртвита на нацистичкиот терор и уште кон тоа да ги препишува милионите советски жртви на германската истребувачка и поробувачка војна исклучително на Русија, истакна Мелник. Тој додаде дека историјата „опасно се искривува“ кога се спомнуваат милионите жртви на нацистите во Украина, која беше дел од СССР. Украина е меѓу најжестоките критичари на гасоводот Северен поток 2, преку кој во Германија ќе се транспортираат 55 милијарди кубни метри гас. Москва во моментов и плаќа такси на Киев за транзиција на гасот преку Украина. Русија во следните години планира да ги намали давачките и да испрати поголеми количини на гас директно во Европа преку Балтичкото Море. ми/

Остани поврзан