• недела, 22 декември 2024

Шпанската влада ја отфрли идејата за референдум за независност на Каталонија

Шпанската влада ја отфрли идејата за референдум за независност на Каталонија

Мадрид, 13 април 2023 (МИА) – Шпанската влада го отфрли предлогот на автономната област Каталонија за одржување референдум за независност, јави ДПА.

-Додека е  владата на премиерот Санчез, нема да има референдум за независност на Каталонија, изјави министерката за финансии и јавни услуги, Марија Хесус Монтеро Куадрадо, во Мадрид.

Таа посочи дека каталонската Влада, на регионалниот премиер Пере Арагонес, мора да се придржува до уставот на Шпанија.

Арагонес во Барселона изјави дека предлогот „за решавање на каталонскиот проблем“ ќе биде изготвен во консултација со различни групи во општеството и ќе биде претставен во Мадрид најдоцна на почетокот на 2024 година. Арагонес додаде дека целта е да се направи референдум, сличен на оној во 1995 година во канадската провинција Квебек, каде што гласачите ја отфрлија независноста.

-Никој не е задоволен од застојот во Каталонија, рече тој. „Конфликтот продолжува“, додаде каталонскиот премиер.

Иако од различни причини, неговата изјава беше критикувана не само во Мадрид, туку и од активисти во Каталонија кои се залагаат за независност на регионот. За разлика од левичарската „Републиканска левица на Каталонија“, предводена токму од Арагонес, другите партии, како што е конзервативната „Заедно за Каталонија“, сакаат регионот да стане независен без да се чека одобрувањето на референдумот од Мадрид.

По одржувањето на нелегален референдум за независност во есента 2017 година и последователната одлука за отцепување од Шпанија, Каталонија беше ставена под присилна власт на централната влада.

Регионалниот премиер во тоа време, Карлес Пуџдемон, побегна во странство со другите членови на владата и сега живее во Белгија. Оние кои останаа во земјава беа осудени на 13 години затвор, но подоцна беа помилувани. сд/

Остани поврзан