• петок, 22 ноември 2024

Шолц: Промената на Уставот е од централно значење за да се ослободи патот за пристапниот процес во ЕУ

Шолц:  Промената на Уставот е од централно значење за да се ослободи патот за пристапниот процес во ЕУ

Берлин, 28 јуни 2023 (МИА) - Германија сериозно ја сфаќа ЕУ перспективата на Северна Македонија. Сега од централно значење е планираната промена на Уставот, за да се ослободи патот за пристапниот процес во ЕУ, истакна германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес - конференција со премиерот Димитар Ковачевски, кој е во дводневна официјална посета на Сојузна Република Германија. 

-Германија сериозно ја сфаќа ЕУ перспективата на земјите од Западен Балкан, а за Северна Македонија тоа важи посебно. Имаме голема почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги прави на патот со реформи кон ЕУ. Сега од централно значење е планираната промена на Уставот. Од нејзиниот успех зависат многу нешта, знам дека тоа не е едноставен чекор, но е потребен за да се ослободи патот за пристапниот процес во ЕУ. Оттука сакам да ја охрабрам Северна Македонија да продолжи по патот на реформите со своите заложби. Реформите не се апстрактни барања. Уште сега имаат сосема конкретни позитивни влијанија за граѓаните, рече Шолц.

Тој се осрна и на Берлинскиот процес во кој шесте земји од Западен Балкан блиску соработуваат на заедничкиот пат во ЕУ, подвлекувајќи дека постои уште многу потенцијал во оваа иницијатива и го најави следниот самит на 18 октовмри, во Тирана.

-Минатата година во ноември процесот тука во Берлин доби нов импулс со еден самит на кој со некои од спогодбите се доближивме до целта да создадеме заеднички регионален пазар. И оваа година сакаме да напредуваме. Драго ми е што самитот ќе се одржи на 18 октомври во Тирана, односно за прв пат во регионот. Токму поради актуелните напнатости помеѓу Косово и Србија го сметам овој самит на Западниот Балкан за посебно значаен. Тоа би била добредојдена прилика за Србија и Косово да се концентрираат целосно и ги нормализираат односите во спроведување на Охрдискиот договор при што Северна Македонија одигра одлучувачка улога како домаќин на самитот

На средбата со Ковачевски во Берлин тој посочи дека ќе стане збор и за рускиот напад на Украина и последиците од тоа. При тоа тој нагласи дека Северна Македонија е дел од големата Алијанса во Европа и со нашите трансатлантски партнери кои одлучно се поставија против напаѓачката војна на Русија. Северна Македонија презема голема одговорност како во НАТО така и во ОБСЕ како актуелен претседавач, рече канцеларот Олаф Шолц. вг/ев/

 

Остани поврзан