Шкендија без повредениот Адеми го пречекува Лудогорец
- Македонскиот првак Шкендија ќе биде без повредениот напаѓач Фитон Адеми на утрешниот натпревар против бугарски Лудогорец, соопшти денеска тетовскиот клуб.
Скопје, 20 август 2025 (МИА) – Македонскиот првак Шкендија ќе биде без повредениот напаѓач Фитон Адеми на утрешниот натпревар против бугарски Лудогорец, соопшти денеска тетовскиот клуб.
Адеми го истегна глуждот изминатиот викенд во триумфот на Шкендија на гостински терен против Македонија ЃП (3-1) во рамки на 2 коло во ПМФЛ и ќе отсуствува од теренот најмалку 10 денови. Адеми принудно го напушти теренот по само 27 минути игра,откако претходно во 9. минута со својот прв прволигашки гол оваа сезона и донесе водство на Шкендија на теренот на Македонија ЃП.
„По лекарските прегледи, утврдено е дека напаѓачот ќе има потреба од околу 10 денови одмор, што значи дека ќе го пропушти утрешниот натпревар против Лудогорец во „плеј-офот“ од Лигата на Европа, како и натпреварот следниот викенд против Арсими од 3 коло во ПМФЛ“, се наведува во клупското соопштение.
Шкендија утревечер со почеток во 20 часот на Арената „Тодор Проески“ во Скопје го пречекува бугарскиот шампион Лудогорец во рамки на првиот натпревар од плејофот во Лига Европа. Реваншот е на програмата идната недела во Разград. ег
ФОТО: ЕПА