• понеделник, 23 декември 2024

Шест предлог-идеи за забрзано враќање на посетителите на Голак на разгледување пред делчевските советници

Шест предлог-идеи за забрзано враќање на посетителите на Голак на разгледување пред делчевските советници
Делчево, 1 август 2022 (МИА) - Шест предлог-идеи за заживување на планината Голак ќе бидат доставени до Советот на Општина Делчево со цел нивно понатамошно процесуирање и имплементирање во Буџетот за наредната година. Ова го најави претседателот на делчевскиот Совет Гоце Попов, на чија иницијатива претходно се одржа „Ден на идеи за Голак“, на кој граѓаните предлагаа и доставија околу 30-тина идеи и предлози за заживување и враќање на сјајот на делчевската планина.
-Меѓу избраните идеи предвидено е изградба на современи јавни тоалети од монтажен тип, поставување на сообраќајни рампи и препреки со цел заштита од возила на детските игралишта, изградба на детско адреналинско игралиште, поставување на монтажен штанд кој ке служи топли напитоци и брза храна за посетителите, како и за издавање на зимска опрема (санки, сноуборд, скии..) и поставување на урбана опрема (клупи  за седење со маси)  на повеќе различни локации на планината (долж патот до манастирот), истакна Попов.
При изборот на идеи, како што додаде Попов, водено е сметка да не биде нарушен постоечкиот детален урбанистички план, да не се врши упад во урбанистичкото планирање и да се иницира надополнување со предложените содржини во вид на урбана опрема, а се со крајна цел заживување на планината и искористување на нејзиниот потенцијал.
-Со овие 6 првични предлози се надеваме дека ќе успееме да ги иницираме промените во користењето на потенцијалот на планината и ќе го забрзаме враќањето на посетителите во поголем број. Ова се првите идеи кои ќе тргнат во реализација доколку добијат поддршка од Советот на Општината. Се надеваме дека секоја следна година ќе успеваме да имплементираме по неколку предлози во буџетот. Останатите идеи, како и сите идеи и предлози кои допрва ке бидат доставени, ке бидат предмет на разгледување во следната година, додаде Попов.
Како еден од поважните предлог идеи е и изработката на идеен проект, кој би се изготвил на волонтерска основа, а кој се однесува за реконструкција на детското одмаралиште „Голак“, со цел  објектот да се редизајнира и дообликува по примерот на најсовремените објекти од ваков тип. вс/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан