• понеделник, 07 октомври 2024

Шест вработени во ОН загинаа во нападот на училиште во Газа

Шест вработени во ОН загинаа во нападот на училиште во Газа

Газа, 12 септември 2024 (МИА) - Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) објави дека шест нејзини вработени биле убиени во израелскиот напад врз училиште со кое раководи во централниот дел на Појасот Газа, јави денеска Би-Би-Си.

Агенцијата за цивилна заштита на Појасот Газа соопшти дека во вчерашниот напад на училиштето Ал Џауни во бегалскиот камп Нусејрат загинале 18 лица.

Израелската армија објави дека извршила „прецизен удар против терористите“ кои планирале напади од училиштето и дека презела мерки за да спречат цивилни жртви.

-Она што се случува во Газа е целосно неприфатливо. Овие драматични прекршувања на меѓународното хуманитарно право мора веднаш да престанат, објави генералниот сектретар на ОН, Антонио Гутереш на „X“.

УНРВА истакна дека овој напад „уби најмногу од нивните вработени во еден инцидент“ од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври минатата година. 

Израел ги осуди критиките на Гутереш.

-Неприфатливо е ОН да продолжи да го осудува Израел во неговата оправдана војна против терористите, додека Хамас продолжува да ги користи жените и децата како жив штит, рече амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон.

И германското Министерство за надворешни работи ја оцени како „целосно неприфатлива“ смртта на шестмина вработени во ОН во израелскиот напад врз училиштето.

-Хуманитарните работници никогаш не треба да бидат жртви на ракети, соопшти Министерството на „Х“, додавајќи дека „израелската војска има одговорност да ги заштити соработниците на ОН и хуманитарните работници“. мс/

фото: ЕПА

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан