• вторник, 19 ноември 2024

Шаќири на средба со наставниците-ментори и образовните асистенти

Шаќири на средба со наставниците-ментори и образовните асистенти

Скопје, 21 јуни 2023 (МИА) - Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска имаше одвоени работни состаноци со дел од наставниците-ментори од основните училишта во земјава, како и со ангажираните образовни асистенти во Ресурсните центри, на кои се разговараше за воспитно-образовниот процес во земјава, како и за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат за време на учебната година.

Министерот, како што соопшти МОН, ја истакна важноста на наставниците-ментори и им се заблагодари за нивната посветеност и максимална ангажираност во основните училишта.

-Присутните наставници-ментори изразија задоволство од средбата, напоменувајќи дека министерот Шаќири е првиот владин претставник кој остварил непосредна комуникација со нив, при што дадоа предлог во училиштата со поголем број на ученици и каде што наставата се одвива двојазично и тројазично, да се ангажираат дополнителни наставници-ментори за поефикасно извршување на работните задачи. Менторите препорачаа да се формира и координативно тело составено од избраните наставници за поефикасна и непосредна комуникација со МОН, се наведува во соопштението.

На средбата со образовните асистенти, како што велат од МОН, министерот Шаќири лично се запозна со искуствата и потешкотиите со кои се соочуваат вработените во Ресурсните центри, при работата со учениците со посебни образовни потреби.

-Асистентите ги пренесоа своите видувања за начинот на работа со оваа категорија ученици, за што добија и уверување дека МОН ги презема сите неопходни мерки за обезбедување на современ образовен систем за учениците со посебни образовни потреби. Исто така, на средбата се разговараше и за изнаоѓање на решение за статусот на ангажираните образовни асистенти во Ресурсните центри, се наведува во соопштението од Министерство за образование и наука. дма/ац/

Фото: МОН

Остани поврзан