• петок, 05 декември 2025

Централниот регистар и Бирото за јавни набавки склучија Договор за соработка

Централниот регистар и Бирото за јавни набавки склучија Договор за соработка

Скопје, 4 јуни 2025 (МИА) - Директорката на Централен регистар Анита Стамнова и директорката на Бирото за јавни набавки Маре Богева-Мицевска потпишаа Договор за соработка со кој се уредуваат содржината, начинот на доставување и објава на податоци за вистинските сопственици на субјектите што склучиле договор за јавни набавки на електронскиот систем за е-набавки (ЕСЈН). 

-Податоците ќе се користат за остварување на дел од целите дефинирани во Заложбата 1.2 – „Јавно објавување на вистинските сопственици на фирмите што имаат склучено договори за јавни набавки, за концесии (при Министерството за економија) и за воспоставување јавно-приватно партнерство“, која е составен дел на Националниот акциски план за партнерство за отворена власт, односно за обезбедување транспарентност во вистинската сопственост на носителите на јавни набавки, идентификација на потенцијален судир на интереси, откривање и спречување корупција во јавните набавки, информира Централниот регистар. 

Доставувањето на податоците ќе се врши целосно автоматизирано, со користење апликациски програмски посредник обезбеден од Централниот регистар преку Националната платформа за интероперабилност – Македонска информациска магистрала – МИМ.

Бирото за јавни набавки податоците за вистинските сопственици на носителите на јавни набавки ќе ги објавува на ЕСЈН, по објавено известување за склучен договор за јавна набавка од страна на договорен орган, во согласност со Законот за заштита на лични податоци, односно по претходно добиена согласност од имателите на личните податоци.

-Овој Договор е продолжување на одличната соработка меѓу двете институции со крајна цел унапредување на услугите кои ги обезбедуваат за бизнисот и сите граѓани, соопшти Централниот регистар. мч/вг/

фото: Центарелн регистар

Остани поврзан