• понеделник, 04 ноември 2024

Хоти: Нема да има нова војна, Курти го плаши народот зашто е неспособен да ја води државата

Хоти: Нема да има нова војна, Курти го плаши народот зашто е неспособен да ја води државата
Приштина, 17 септември 2022 (МИА) - Поранешниот косовски премиер, пратеникот на опозицискиот Деморкатски сојуз на Косово, Авдулах Хоти го обвини неговиот наследник на чело на Владата, премиерот Албин Курти деке е неспособен да ги реши реалните егзистенцијални проблеми на граѓаните на Косово и поради тоа измислува непостоечки закани по државата, јави дописникот на МИА од Приштина. Во реакција на денешното интервју на Курти за хрватскиот весник „Вечерњи лист“, каде што вели дека не може да се исклучи можноста од нов воен конфликт во Косово и регионот, Хоти оцени дека актуелниот косовски премиер ваквите изјави ги дава за да го одвлече вниманието од неговата неспособност да ги реши реалните проблеми на граѓаните. Во објава на неговата страница на Фејсбук, Хоти вели дека „нема да има војна во Косово“ и дека „ниедна влада во регионот не може и не смее да размислува да започне војна“. - Албанија, Црна Гора, Северна Македонија се во НАТО. Освен тоа, НАТО е стационирана во Косово и Босна и Херцеговина. Сè што може да се очекува да се случи е соочување на Косово и регионот со економски и демографски колапс. Секако доколку не се спроведат потребните политики, ако не се движиме побргу кон евроинтеграциите и ако не се решат постоечките недоразбирања, напиша Хоти. За тие што споменуваат војни, како што тоа го направи Курти во интервјуто за „Вечерњи лист“ и претходно за италијанската „Ла Република“, Хоти вели дека „го прават тоа „за да ги покријат промашувањата во владеењето“. - Некои политичари кои ја спомнуваат војната го прават тоа за да ги покријат промашувањата во владеењето. Го прават за да го одвлечат вниманието на јавноста од енергетската криза, високата инфлација и социјалните незадоволства, вели Хоти. Во денешното интервју за „Вечерњи лист“, актуелниот премиер Курти изјави дека „би било неодговорно да се рече дека никогаш веќе нема да има конфликт и војна“. - Доколку нема подготовки за војна, зошто минатата година Србија и Русија одржаа 104 воени вежби (на српска територија) од 91 колку што имаа најавено и во исто време ги изведоа двете најголеми вежби, насловени „Славјански штит“ и „Славјанско братство“, изјави Курти. За можноста од нов конфликт во Косово и во регионот, Курти предупреди и во интервјуто што минатиот месец го даде за „Ла Република“, посочувајќи ги врските на официјален Белград, на чело со претседателот на државата, Александар Вучиќ со режимот во Москва, предводен од Владимир Путин. - Ризикуваме војна. Зад Србија стои Путин. Не би рекол дека опасноста е многу висока, затоа што ние го имаме контингентот на НАТО тука, но сигурно дека е висока. Ние сме една демократија која има една автократија на границата, изјави Курти за италијанскиот весник во август годинава. иа/ми/

Остани поврзан