• недела, 22 декември 2024

Холштајн: Дваесет и шест членки се држат како заложници од мали национални интереси на една земја која прави штета на целата ЕУ

Холштајн: Дваесет и шест членки се држат како заложници од мали национални интереси на една земја која прави штета на целата ЕУ
Скопје, 19 мај 2021 (МИА) - Германската амбасадорка во Северна Македонија Анке Холштајн денеска изјави дека португалското претседателство во моментов работи напорно да се најде консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија до Советот на ЕУ што е закажан во јуни и изрази жалење што Германија не успеала да го постигне овој консензус за време на нивното претседателство со ЕУ. Вели дека за Северна Македонија не постои друг простор за маневрирање и оти има црвени линии што не смеат да се преминат. -Ние, Германија, се уште жалиме што не успеавме да го постигне овој консенузс за време на нашето претседателство и покрај сите напори што ги вложивме и покрај инволвираноста на нашиот владин врв. Денес даваме поддршка на Португалија колку што можеме до максимум, рече Холштајн на дебатата „Иднината на Европа и иднината на проширувањето“, во организација на Европското движење на С Македонија. За Северна Македонија, подвлече Холштајн, не постои никаков друг простор за маневрирање, има црвени линии што не смеат да се преминат, а Владата покажа вистински добар став и покрај омаловажувањата во овој процес, со цел да не се нарушат добрососедските односи. Истакна дека дури и опозицијата даде голема поддршка во оваа тешка ситуација, а ги спомена и реформите со цел да се покаже дека земјата е подготвена, а таа ќе биде подготвена кога ќе биде подготвена и Европската Унија. -Основната идеја на процесот на проширување е предвидливоста и пристапот што се заснова врз заслуги. Идејата прво беше Северна Македонија засебно да се земе во процесот на пристапување заради тоа што Албанија нецелосно ги исполни условите, меѓутоа зелено светло во март 2020 беше дадено на двете држави. Во меѓувреме и Албанија ги исполни двата услова што и беа дадени, така што нашето размислување, а Германија многу отворено тоа го кажа, дека треба да бидат ставен заедно во пакет. Силно веруваме дека ставањето во пакет ќе треба на некој начин да се задржи и има доволно оправдувања за тоа. Меѓутоа се разбира дека сакаме да видиме како ќе започнат преговорите за пристапување колку што е можно поскоро и со двете држави, рече таа. Холштајн вели дека едногласноста е неопходна во европските институции, а обидите да се отстрани ваквиот пристап не биле досега успешни, особено во процесот на проширување. -За таа тема едногласно треба да се одлучи. Значи 26 земји членки се држат како заложници од некои мали национални интереси на една земја која прави штета на целата Европска Унија и го уништува нејзиниот кредибилитет на Западен Балкан. Не сакам да зборувам за Западен Балкан како наше соседство затоа што Западен Балкан е всушност дел од Европа и тие се поврзани, и ние сме сите поврзани со споделена и заедничка историја, и луѓето и економиите се многу повеќе испреплетени меѓусебе, рече Холштајн, додавајќи дека една силна ЕУ има потреба од силен и стабилен Западен Балкан и тоа отсекогаш било една од клучните цели на ЕУ и на самата политика на проширување. Германија, рече таа, од таа страна ја поддржува политиката за проширување, денес фокусот е на Западен Балкан за да се обезбеди сигурност и стабилност на овој дел од Европа. -Ние треба да ги одржиме европските перспективи во овој регион експлицитни и отворени. Спротивно на тоа ќе значи дека вратите ќе бидат отворени за надворешни сили кои имаат желба и се заинтересирани да навлезат во овој простор со цел да го дестабилизираат. Процесот на проширување мора да остане жив и е секогаш ќе им потреба од моменти кога ќе треба да ги разгледаме последиците од нашите одлуки и навистина да бидеме искрени едни со други, рече таа. Холштајн е децидна дека мешани сигнали кои се праќаат до земјите аспиранти не е во корист на сите нас. -Северна Македонија за жал се соочува со вакво нешто веќе 15 години. Низ времето ги исполни сите услови што се бараа од неа, па дури и најтешките, поврзани со нејзиното име. Може само да се сомневаме дали и друга европска земја би имала волја да направи вакво нешто. Минатата година С Македонија исто така, се соочи со уште една пречка, а сепак и тука тоа е поврзано само со националните интереси на една земја. Минатата есен ЕУ направи уште едно барање, а тоа беа историските услови, што е точно, а што не, во изминатите сто години за историјата на Балканот. И на крајот на годината се направи ваква проценка, што ќе биде дел од критериумите за пристапување, рече Холштајн. Додаде дека ЕУ треба да биде модератор, но не треба да коригира и суди при вакви спорови кога станува збор за недоразбирања за минатото во изминатите сто години и оти тоа е надвор од принципите што го водеа процесот на проширување - транспарентноста и предвидливоста. Дополнителни услови, смета Холштајн, уште повеќе ќе отворат можност за нови билатерални барања во иднина, па дури и ќе го кочат целиот процес со години или декади нанапаред. -Треба да одбегнуваме елементи коишто ќе дадат можност за поголема интерперетивност или не сме тука да одлучиме кој е во право, кој не во врска со историски прашања или со јазични идентитети. ЕУ се заснова на единство но и на разновидност. А не на категоризација на осуда. Отворените историски и територијални прашања треба да идат решени на билатерална основа и ова не е едноставен или краток процес, но сепак може да се оствари, но бара политичка волја пред се, заклучи германската амбасадорка. Димитар Карапенов претставник на бугарската Амбасада во Скопје, кој се приклучи во дебатата, рече дека Бугарија ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија. -Перцепциите дека Бугарија на некој начин го опструира процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ е неточен. Неточни се тие забелешки. Секој треба да оди во заштита на своите национални интереси. Добрите соседски односи и соработка и целосната имплементација на Договорот за добрососедство од 2017 година се услов за евроинтеграција. нд/ац/    

Остани поврзан