• петок, 22 ноември 2024

ХБСЦ: Алармантен е трендот на опаѓање на менталното здравје кај адолесцентите

ХБСЦ: Алармантен е трендот на опаѓање на менталното здравје кај адолесцентите

Велес, 20 февруари 2024 (МИА) – Центарот за психосоцијална и кризна акција - Малинска во партнерство со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот во Тетово и Општина Велес денеска во Велес ги презентираше националните наоди од меѓународната ХБСЦ студија „Однесување поврзано со здравјето кај деца на училишна возраст“, според кои во РС Македонија 31 процент од девојчињата на 15-годишна возраст се чувствуваат осамени. Тој процент во Европа и Централна Азија изнесува 28.

Истражувањето, кое во Р С Македонија е спроведено на 5.132 ученици, покажало дека секое трето девојче на 15 години во земјава изјавува дека е осамено, а секое второ на истата возраст чувствува дека во изминатата година, поточно 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден во текот на две или повеќе недели, што прекинало да ги прави вообичаените активности.

Во студијата биле следени однесувањата и животниот стил на децата и младите во различни и променливи животни услови, споредувајќи ги со децата од другите региони во светот.

Според ХБСЦ, чести нерасположенија, речиси секојдневно, во последните шест месеци, пријавиле дури 57 отсто од девојчињата на 15 години во нашата земја, а од психосоматски тегоби: болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, страдаат шест од 10 девојчиња на 15 години.

Воедно констатирале дека и задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години. Кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата.

- Трендот во последните осум години, низ три истражувачки циклуси од 2014 до 2022 година, ја покажува истата насока на меѓу родови и меѓу возрасни разлики, со високи сличности меѓу 2014 и 2022 година, токму на индикаторите на менталното здравје, што укажува на висока чувствителност на децата на општествените случувања и услови во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата, велат од ХБСЦ.

За овие наоди, Лина Ќостарова Унковска, водечки истражувач на студијата за нашата држава, појаснува дека бројките се одраз на нашето општество, нашите училишта, нашите домови.

Таа апелира до надлежните дека ова е повик за преземање акција – да разбереме подлабоко, да делуваме побрзо и да дадеме поголема поддршка. ад/ир

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан