• недела, 22 декември 2024

ФФМ ќе го реновира просторот под трибините на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани

ФФМ ќе го реновира просторот под трибините на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани

Кочани, 19 март 2024 (МИА) – Општинскиот фудбалски сојуз од Кочани доби позитивен одговор од Фудбалската федерација на Македонија за обезбедување на потребните финансиски средства за реконструкција на подтрибинскиот простор на стадионот „Никола Мантов“.

Во рамки на проектот на Федерацијата за подобрување на фудбалската инфраструктура, ќе се реновират соблекувалните, просториите за службените лица, како и магацинскиот, помошниот и другиот простор што е дел од западната трибина на спортскиот објект.

-Сè уште не го знаеме износот што ни е одобрен, но наскоро очекуваме посета од претседателот и членовите на соодветната комисија на ФФМ за да направат увид во состојбата на стадионот. Според тоа ќе биде определена потребната сума за изведба на неопходните градежни работи, а добивме потврда дека и Општина Кочани ќе помогне во целата постапка. Реализацијата на проектот ќе почне по завршување на фудбалските првенства. Очекуваме за наредната сезона да бидат обезбедени соодветни услови за клубовите од Кочани кои се натпреваруваат во лигите во машка и женска конкуренција и за сениорските и за младинските категории, истакна Александар Андов, претседател на Општинскиот фудбалски сојуз - Кочани.

Заедно со реконструкцијата на подтрибинскикот простор, предвидено е да се доврши почнатиот проект за одржување на фудбалскиот терен, односно да се инсталира систем со прскалки и тајмер за наводнување.

Општина Кочани веќе ја обезбедила потребната документација за докажување на сопственоста врз објектот, по што треба да потпише договор со ФФМ за регулирање на меѓусебните права и обврски при реализацијата на градежните работи.

Во Општинскиот фудбалски сојуз – Кочани членуваат и екипи од Виница, Берово, Делчево и помалите соседни општини, поради што ќе се направат напори да се помогне во подобрувањето на инфраструктурата на нивните фудбалски терени. та/мд/

фото: МИА

Остани поврзан