• недела, 22 декември 2024

Фридом Хаус: Србија не е демократска земја, има проблеми во многу области

Фридом Хаус: Србија не е демократска земја, има проблеми во многу области

Белград, 24 мај 2023 (МИА) - Во новиот годишен извештај на Фридом хаус „Земји во транзиција“, Србија четврта година по ред не е класифицирана како демократска земја, туку во „хибридни или транзициони режими“ во кои демократските институции се кревки, додека постојат значителни предизвици во заштитата на политичките права и граѓанските слободи, јави дописникот на МИА од Белград.

Квалитетот на демократијата, кој според извештајот на Фридом Хаус се мери од еден до седум, годинава е оценет како и лани со 3,79, што тогаш беше втор најголем забележан пад. Според овој индекс, Србија моментално го дели второто место на Западен Балкан со Црна Гора и Албанија, додека Северна Македонија е најдобро рангирана.

Во извештајот се наведува дека иако на прв поглед има подобрување на политичкиот плурализам во текот на 2022 година поради учеството на опозицијата на изборите по повеќегодишен бојкот, изборниот процес и понатаму беше нарушен со нерегуларности и покрај меѓупартиските дијалози насочени кон подобрување на изборните услови.

Како најконтроверзен аспект на изборите во 2022 година, Фридом Хаус го наведува пролонгираниот процес на утврдување на конечните резултати од парламентарните избори.

Во извештајот за Србија, иако нема назадување во однос на минатата година, се наведува дека негативниот развој на слободата на медиумите продолжил и во 2022 година.

-Нападите врз новинарите во Србија сè уште се загрижувачки. Според податоците на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), во текот на годината биле забележани 132 случаи на напади врз новинари. Иако ова претставува намалување во споредба со 2020 и 2021 година, сепак е трет најголем број напади во последните 10 години, се наведува во извештајот.

Во него се споменува и одлуката на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) за продолжување на емитување на националните фреквенции за следните осум години на телевизиите блиски до власта, „кои не ги исполниле обврските и условите за добивање лиценци“.

Кога станува збор за борбата против организираниот криминал и корупцијата, Фридом Хаус потсетува дека судењето на кланот на Вељко Беливук, обвинет за киднапирања, убиства и силувања, започна во октомври 2022 година.

-Додека властите го претставуваа случајот како доказ за својата борба против организираниот криминал, обвинетите членови на бандата за време на судењето зборуваа за нивните врски со владејачките партии, пишува ФХ.

Во делот на извештајот за состојбата на демократските институции, Фридом Хаус наведува дека во текот на минатата година во политичкиот дискурс во голема мера доминирала руската инвазија на Украина, како и барањата Србија да се усклади со европските санкции против Русија.

Во него се додава дека војната во Украина, заедно со барањата на ЕУ во врска со санкциите, доведоа до големи десничарски протести за поддршка на Русија, како и на закани за новинарите кои известуваа за војната, додека анкетите за првпат покажаа дека повеќе од 50 отсто на српските граѓани се против членството.во Европската унија. об/сд/

Остани поврзан